Во интервјуто за WebMind, разговаравме со двете членки на тимот – Рахела Бушиноска и Ана Алексова, кои ни раскажаа како изгледа кога 54 часа интензивна работа, менторска поддршка и страст се претвораат во победа. Откриваат како се гради стартап визија од нула, како изгледа соработка под притисок, и зошто ова искуство не е само еден викенд, туку можеби – почеток на нешто многу поголемо.
Од идеја до победа: како започна сѐ?
Рахела Бушиноска: Ме мотивираше желбата да создадам решение кое ќе им помогне на луѓето полесно да го следат распоредот за земање лекарства. Дојдов со идеја за Smart Pill Dispenser – уред и мобилна апликација кои ќе даваат известувања во точно време.
Ана Алексова: Мотивацијата за учество ја добив уште кога бев прва година на факултет и волонтирав на Startup Weekend. Оваа година дојдовме со идеја што може да помогне на многу семејства – паметен диспанзер за лекови, кој преку уред и апликација ќе го олесни секојдневието на луѓето.
Тимска хемија, ментори и трка со времето
Рахела: Искрено, искуството беше одлично! Тимот беше креативен и целосно посветен. Менторите ни дадоа многу вредни совети, а атмосферата беше инспиративна од самиот почеток.
Ана: Работевме како еден. Сите подеднакво се вложивме, а поддршката од водителот Simone и менторите од различни области навистина ни помогна да ја насочиме идејата. Работевме под притисок, но токму тоа не научи да бидеме побрзи, пофокусирани и поорганизирани.
Претприемништвото: од теорија до реалност
Рахела: Сфатив дека не е доволно само да имаш добра идеја – потребни се многу повеќе работа, прилагодување и разбирање на корисниците.
Ана: Моето претходно сфаќање беше дека идеја плус пари се доволни за стартап. Сега знам дека претприемништвото е покомплексно и бара многу повеќе вклучени страни и одговорности.
Моментите што се паметат
Рахела: Ќе го паметам моментот кога ја презентиравме идејата и добивме поддршка од другите учесници – тоа навистина ни даде мотивација.
Ана: За мене, тоа беше кога Simone ни рече дека може да ја сруши нашата идеја со два збора. Наместо демотивација, тоа ни беше најголемата мотивација да ја подобриме и доработиме до совршенство.
Три минути за цел свет
Рахела: Презентацијата во три минути беше предизвик, но научивме како јасно и прецизно да ја структурираме нашата приказна.
Ана: Тоа беше најтешкиот дел. Да собереш 54 часа работа во 3 минути. Ана од Стартап Клуб Скопје ми даде клучни совети за фокусот, а со вежбање добив и самодоверба да ја пренесам пораката.
Што научија од останатите?
Рахела: Секој тим носеше различна енергија и креативност. Тоа ме научи да бидам отворена кон нови идеи и пристапи.
Ана: Секој што дојде е веќе победник. Научив дека тимската работа и хармонијата меѓу членовите се клуч за успех – секој придонесува и кога тие квалитети се спојат, се случува магија.
Што следува за Smart Pill?
Рахела: Овој настан ме инспирира да продолжам да ја развивам идејата во вистински производ кој ќе им помогне на многу луѓе.
Ана: Не само што нѐ инспирира, туку ни овозможи и контакти со луѓе и организации кои сакаат да нѐ поддржат. Благодарност до Игор Маџов, Startup Македонија и нашиот универзитет „Св. Апостол Павле“ – без нив ова немаше да биде возможно.