Филип зборува за лекциите, инспирацијата, вештините на иднината – и за тоа како добриот UX никогаш не бара објаснување.
Филип, кажи ни како започна твојата приказна со дизајнот? Дали отсекогаш знаеше дека UX ќе биде твојата насока, или патот до тука беше со многу кривини?
Дефинитивно имаше кривини и крстосници на патот, особено на почетоците. Во студентските денови експериментирав со разни начини на креативно изразување. Сакав да фотографирам, да правам музика, да дизајнирам летоци и да правам фото колажи и монтажи. Мојата прва љубов беа рекламите, мислев дека таму ќе ја насочам мојата енергија, но првата можност која ми се прикажа беше како веб дизајнер. За среќа, покрај веб дизајнот, добивав и задачи да дизајнирам реклами, логоа и печатени материјали па имав доста време да одлучам кој ќе биде патот. Полека но сигурно тоа се покажа дека е UX (се ова беше во времето кога не постоеше терминот UX дизајнер туку се викавме веб дизајнери ).
Кои беа најголемите културолошки или професионални разлики кога премина од македонскиот пазар на глобалната UX сцена?
Мојата транзиција кон глобалната сцена беше во неколку фази (од вработен во македонска компанија , до freelancer за македонски и странски клиенти , до вработен во холандски стартап), сето тоа низ неколку години. Освен тоа, во Македонија сум имал среќа да работам со одлични колеги и за клиенти од Македонија кои работеле на високо професионално ниво. Поради сето тоа, не осетив огромни разлики или шокови во тие погледи. Мислам дека самата индустрија и интернетот еволуираше низ тие години па големите разлики дојдоа кога почнавме да го вклучуваме корисникот во корисничкото искуство и кога дизајнерите почнаа да се вклучуваат директно во стратегијата и континуираниот развој на некој продукт. Тоа беше ново за мене во таа транзиција.
Многумина сонуваат за големи компании како Booking.com – но малкумина успеваат. Што беше клучно според тебе за да стигнеш до таму? Што беше твоето „game changer“ искуство или одлука?
Моето прво интервју во Booking.com беше околу 2012-та, во време кога имав неколку години искуство и уште работев и живеев во Македонија. Во тоа време, не го поминав првото интервју. Сметам дека имав доста знаење и што да покажам но моите интевјуери не се сложија со тоа. Мислам дека за мене лично, сите години искуство, посветеност и напорна работа од 2012 до 2023 беа game changer за да завршам таму. За среќа (уште еден game changer) регрутер од Booking.com ме побара за улогата која ја имам сега, улога која е доста блиска на улогата која ја имав претходно. Да не ме сфатите погрешно, со ова, не сакам да обесхрабрам некој да аплицира. Не мора да чекате регрутер и да имате 10 години искуство за да влезете во Booking. Само ќе мора да имате што да покажете и да се отскокнете бидејќи конкуренцијата е многу, многу голема.
Дали се сеќаваш на моментот кога ја доби понудата од Booking? Како изгледаше тој процес – и како се чувствуваше?
Се сеќавам доста јасно, ја добив понудата додека бев на одмор во Скопје! Што се однесува до процесот … на почетокот, при иницијалните контакти, бев заинтересиран но веќе имав работа со која бев прилично задоволен. Се решив да одам низ процесот со мислата – ако биде – биде, ако не – здравје. Некако со мислата дека немам што да изгубам, само да добијам. Со секоја нова рунда, мојот интерес растеше па некако почнав полека да се пакувам во главата . Процесот беше доста долг – 5 рунди на интервјуа кои беа распоредени во период од околу 2 месеци. Тоа ми даде време да се подготвам, посебно мојата портфолио презентација која беше клучна за добивање на работата. Иако влегов релаксиран во процесот, целата подготовка бараше многу работа. На крајот – добро чувство, но со мешани емоции кои доаѓаат со голема промена.
Како го дефинираш „добриот UX“ и кој е најголемиот предизвик што си го надминал во создавање на креативни кориснички искуства?
Има еден цитат што доста многу го сакам: A user interface is like a joke. If you have to explain it, it’s not that good. Со други зборови, интерфејсот треба да биде интуитивен, да биде разбирлив, да работи и да заврши работа. Целото искуство да биде базирано на разбирање на корисниците и на нивните потреби. Исто така, добриот UX треба и да ја врати инвестицијата. Мислам дека ние дизајнерите често го забораваме тој баланс помеѓу корисничките и бизнис потребите. Во контекст на тој предизвик, сметам дека работата со други луѓе, преговарањата и компромисите кои треба да се направат се тешката работа. Кога сме сами пред компјутер и дизајнираме слободно немаме многу предизвици.
Твојот работен ден почнува со …? Како изгледа секојдневието на еден UX лидер кој работи за технолошки гигант како што е Booking?
Најчесто денот почнува со оставања во градинка, со велосипед и со подкаст. Што се однесува до работата, иако сум во Booking околу две години, поминав низ доста различни периоди, проекти и предизвици. Денот сега е доста поразличен од денот пред 6 месеци или пред година.
Во моментов сум фокусиран на голема иницијатива за подобрување на платежното искуство која ќе ја работиме преку целата година. За тоа треба да сум доста во Фигма (за промена, откако бев надвор од неа неколку месеци), работејќи на правци за нашиот Checkout flows. На ова работам со неколку од дизајнерите во мојот тим. Покрај дизајн работата, деновите ми се исполнети со состаноци за да бидам информиран и дадам мислење за други проекти, 1-1 состаноци со мојот тим за прогрес и за менторирање.
Кои се клучните вештини што еден дизајнер мора да ги поседува денес, за да биде релевантен утре?
Дизајнот е креативна, но и техничка работа. Мислам дека техничките познавања биле секогаш важни и тоа така и ќе продолжи. Не мислам на кодирање, туку пред сè на разбирање на (дизајн) алатки и технологија. Ова во последно време подразбира и знаење и користење на AI за забрзување на нашиот процес. Покрај тоа, добро познавање на корисниците и пошироко – на нас како луѓе, секогаш ќе носи предност. Додадете и добар вкус и естетика и сме незаменливи, дури и од AI.
Колку е важно UX-от да се гледа како бизнис алатка? Како успеваш да го „продадеш“ дизајнот на носителите на одлуки?
Во основни, стратешки одлуки, UX дизајнот може да одигра клучна улога и да биде многу корисна бизнис алатка. Можеме да помогнеме во оформување на идејата, брзо да ја визуализираме и да ја пуштиме на валидација – или преку кориснички тестирања (идеално) или преку некој експеримент или MVP / пилот. Во овој контекст, гледаме дали корисниците се спремни да го купат и користат ова или треба да работиме на нешто друго. Развој на софтвер е скапа работа и бизнисот треба да ја врати инвестицијата, идеално повеќекратно. Затоа, најпрво мора да сме сигурни дека сме во добар правец.
За помали одлуки, секогаш мислам дека е добра практика кога презентираме дизајн правци да ги потенцираме нивните предности и слабости. И да го одбереме правецот кој носи најдобар баланс од предности и слабости, и меѓу потребите на корисниците и бизнисот. Повторно, најдобро е овие предности и слабости да се поткрепени со фидбек од корисници. Продавањето / избирањето на некој дизајн правец ќе оди многу полесно.
Можеш ли да ни откриеш некој предизвик или можеби неуспех што те направил подобар дизајнер?
Сум бил вклучен во неколку проекти каде сме работеле долго време без валидација и без одење live, и сме имале scope којшто бил многу голем и растел бидејќи сме имале многу идеи. Идеи кои биле добри на хартија и не мотивирале но, не нè однеле кон успех туку само го одложувале успехот (или неуспехот). Токму поради овие неуспеси денес ги давам оние совети за баланс кој ги споменав претходно. Доста сум научил од нив но, никако не би советувал да ги правите истите грешки!
Што те инспирира денес? Каде ги бараш новите идеи, мотивација, визија? И кои според тебе се најновите трендови во твојата индустрија?
Од секогаш сум сакал да гледам, да сум опкружен и да користам добар дизајн. Тоа ми е инспирација број 1. Тоа ми ги поставува и одржува стандардите кои сакам да ги постигнам. Интернетот е непресушен извор па најчесто скенирам низ Linkedin, Twitter (X), Medium и Behance за да бидам во тек. Од скоро се вратив и на пишувањето како алатка за разбирање на нешто и за генерирање идеи.
Што се однесува на најнови трендови, се е поврзано со AI и како тоа ќе влијае на индустријата – како ќе работиме и какви продукти ќе правиме во иднината.
Замисли го животот како апликација, што би ставил на home screen, а што би тргнал засекогаш?
Homescreen: фамилија и пријатели, искуства, Fitness, Google Maps, Booking.com, Photos, Spotify
Delete forever: Social media.