Ова е неговата приказна – за менторите што поставуваа вистински прашања, тимовите што работеа како едно, и сцената на која идеите добиваат живот.
1. Што те мотивираше да се пријавиш на Startup Weekend Ohrid и со каква идеја дојде?
Мотивацијата произлезе од желбата за вмрежување со професионалци од областа на стартап бизниси и програмирање, како и од стремежот кон унапредување на вештини поврзани со истражување на пазарот, програмирање, развој на маркетинг стратегии и ефективно презентирање пред публика.
Мојата идеја се засноваше на решавање на реален пазарен проблем – креирање агрегатор кој ќе ги обедини цените на компјутерски делови и галантерија од различни продавници на едно место.
Извор: Startup Weekend Ohrid
2. Какво е твоето искуство досега – соработката со тимот, менторите, атмосферата?
Искуството беше значително подобро и по-позитивно од очекуваното. Секој од менторите беше исклучително подготвен да помогне во надминување на предизвиците со кои се соочуваа нашите бизнис-идеи. Со скромен и прецизен пристап, нè насочуваа како да размислуваме стратешки и критички, без да ни ги наметнат решенијата. Овој процес ми помогна да развијам подлабоко, аналитичко размислување и да се фокусирам на суштинските проблеми поврзани со нашата стартап идеја. Атмосферата ја обликуваа самите тимови, од кои секој беше целосно посветен на тоа нивната идеја да биде најдобро развиена и претставена во текот на трите интензивни дена. Секоја индивидуа во тимовите покажа натпреварувачки дух, но истовремено и подготвеност за соработка и поддршка кон останатите учесници, создавајќи мотивирачка и продуктивна средина.
3. Дали ти се смени визијата за претприемништво откако си тука?
За само три интензивни дена, мојата визија за претприемништвото се трансформираше речиси целосно. Верувам дека и кај поголемиот дел од учесниците чувството беше слично – искуството ни отвори нови перспективи и начини на размислување.
4. Кој момент од настанот досега најмногу ќе го паметиш?
Моментот кога секоја група на ментори одвои барем 15 минути за искрено да ја разбере нашата бизнис идеја и да ни помогне со предизвиците со кои се соочувавме беше навистина вреден. Во текот на тие неколку часови менторство, сфатив колку малку всушност знаев за сопствената идеја – колку прашања не сме си ги поставиле и колку препреки не сме ги ни предвиделе, а камоли решиле.
Извор: Startup Weekend Ohrid
5. Како се носиш со предизвикот да презентираш идеја за толку кратко време?
Горд сум на моето искуство и на желбата за презентирање пред публика. Иако имам претходно искуство, тремата беше присутна – но и мотивирачка. Најуникатниот момент беше предизвикот да ја пренесеме целата идеја, развивана три дена, во само три минути. Она што навистина ги разликува добрите од одличните претприемачи е способноста да ја комуницираат својата идеја јасно, концизно и суштински – дури и во најограничено време.
6. Што научи од другите тимови и идеи што ги слушна тука?
Kога креативни умови се здружуваат, со добра тимска координација и водство, може за многу кратко време да се изгради функционален производ, да се додадат корисни функционалности и да се развијат одлични идеи преку брејнсторминг.
7. Дали те инспирира овој настан да продолжиш да работиш на својата идеја и по завршувањето?
Пред настанот не очекував дека ќе добијам мотив да продолжам со оваа или било која идеја. Но по интеракцијата со менторите и инспирацијата од нивните успеси, сега сум помотивиран од кога било да ја развивам својата идеја понатаму.