Во модниот свет што обожава монограми и препознатливи ознаки, Bottega се издвојува со дизајнерски кодови што зборуваат без зборови. Најпозната е техниката Intrecciato – рачна изработка на плетена кожа, развиена во шеесеттите години, кога машините не можеа да обработуваат дебели материјали. Токму оваа текстура станува заштитен знак на брендот.
Препознатливи се и архитектонските, чисти силуети на чанти како Pouch, Jodie и Cassette, како и обувки со квадратести врвови и скулптурални потпетици – модели што освојуваат со форма, а не со украси.
За време на мандатот на креативниот директор Даниел Ли (2018–2021), брендот доби уште еден симбол – Bottega Green, смела нијанса на зелена која стана неформален потпис. Се појавуваше на чанти, чевли, пакувања, па дури и во ентериерите на продавниците – доволен знак за упатените.
Уште еден необичен потег го одбележува овој бренд: Bottega Veneta нема официјални профили на социјалните мрежи. Во ера на дигитална пренатрупаност, овој „тивок луксуз“ создава ефект на ексклузивност, буди љубопитност и гради органска приказна за брендот – од уста на уста.
Во време кога луксузот вика по внимание, Bottega Veneta тивко зборува – и остава посилен впечаток. Ова е бренд за оние што го препознаваат квалитетот, стилот и идентитетот – и немаат потреба тоа да го докажуваат никому.
Извор: bizlife.rs