Од испраќање стотици апликации и поминување на многубројни интервјуа, до градење импресивна кариера во гигантски компании како Microsoft и Dyson, нејзиниот пат е доказ дека храбрите одлуки и континуираното учење водат кон врвни резултати.
Денес, како главен маркетинг директор и управен директор во една од глобалните лидери за алтернативни инвестиции, iCapital, Магдалена продолжува да трасира нови патеки, во нови индустрии, со нови предизвици.
Вашата биографија е импресивна. Какви беа Вашите почетоци во маркетинг индустријата и што најмногу Ве привлече во светот на маркетингот?
По случајност и чиста среќа, пред 25 години најдов работа во маркетинг одделот во мала Македонска фирма која развиваше софтвер, мултимедија и CD-ња. Првите почетоци беа во B2B кога B2B не беше поим. Во тоа време одлуката беше дел од борбата за опстанок и резултат на економската состојба, наоѓањето работа каде што постоеше. Во понатамошните работни места, маркетингот ме привлече поради динамичната комбинација на креативноста, аналитиката и одговорната улога кон купувачите и клиентите.
Од Ein-Sof и Seavus во Скопје до високо профилни компании како Microsoft и Dyson, кои беа најголемите предизвици и како овие искуства ја обликуваа Вашата професионална патека, но и Вас како личност?
Од денешна перспектива, мојата кариера е една навистина возбудлива авантура. Еден од најголемите предизвици беше адаптирањето кон нови индустрии, култури и средини, но токму тие искуства ме научија на издржливост, приспособливост и вредноста на континуираното учење. Адаптацијата по нашето преселување во Канада беше најголемиот предизвик. Бев навистина благодарна на моето образование. Иако завршив царина и шпедиција, мојата диплома се нострифицираше во меѓународен бизнис. Потоа бев веќе обучена со добро искуство од две софтверски фирми, кои меѓу првите во Македонија воведоа дигитален маркетинг. Во исто време работеа на продукти и сервиси кои ми дозволија да применам практични решенија за ширење на преку модерен маркетинг. Во Канада, истражував за тоа кој дел од моето искуство може да биде највреден за канадските компании и одлучив да се позиционирам во сферата на дигитален маркетинг и токму тоа да биде мојата влезна позиција и конкурентна предност. Потоа, следеше упорност. Откако пратив повеќе од 100 апликации и поминав 28 интервјуа, конечно ја добив првата работа во Канада.
Извор: Приватна архива на Магдалена В. Пандилоска
Секогаш се сконцентрирав на тоа што беше во моја контрола, работев напорно, бев подготвена да прифатам поголеми предизвици и покажував резултати. Исто така, барав и помош. Ги идентификував луѓето кои беа поуспешни од мене, учев од нивниот пат и барав поддршка додека напредував.
Кои беа некои од клучните моменти или одлуки кои значително влијаеа на Вашиот кариерен раст?
Сè започна кога решив да се позиционирам како дигитален експерт. Се запишав на програма од Канадската асоцијација за маркетинг (CMA), која ми помогна да создадам силен професионален профил и ме опреми со специјализирани вештини.
Најдов ментор во фирмата каде што работев (TORLYS – канадско-португалска компанија за производство на подови) и преговарав да инвестираат во моите курсеви бидејќи нашите семејни средства едвај ги покриваа животните трошоци.
Следниот клучен момент беше приклучувањето кон Dyson. Влегувањето во уште една непозната индустрија беше застрашувачко, но научив непроценливи лекции за важноста на брендот, иновациите и фокусот кон клиентите. По времето поминато во Dyson, решив да направам кратка пауза во кариерата бидејќи имав силна желба да се вратам во технолошката индустрија. Го објавив моето резиме на различни портали за кариера и на LinkedIn. Тогаш ми се јави регрутер од Microsoft, кои беа во процес на основање на нивниот дигитален оддел.
Во текот на следните девет години имав четири лидерски позиции и добив многубројни интерни награди за менаџмент и лидерство. Почнав да раководам тимови надвор од дигиталниот домен, вклучувајќи конференции, аналитика, оператива, комуникации и други области. Овие искуства ми покажаа колкаво влијание може да имаат маркетинг комуникациите врз деловниот раст, кога се усогласени со комерцијалните цели.
Последната клучна одлука беше препознавањето на потребата дека за да продолжам да растам, морам речиси да се откажам од она што првично ме направи успешна и да го трансформирам мојот профил во генерален менаџер. Ова значеше да се ребрендирам себеси, прво како лидер ориентиран кон бизнисот. За оваа транзиција исто така беа потребни тренинзи и менторство.
Веќе некое време сте главен маркетинг директор во iCapital. Како станавте дел од оваа компанија? Како изгледаше процесот на регрутирање?
Приклучувањето кон iCapital беше ригорозен, но процес што вреди. Bидејќи оваа улога одговара пред претседателот на одборот, кој е и главен извршен директор, pоминав низ долг процес на интервјуа, скоро со секој лидер од извршниот тим. Vоедно и јас требаше да се уверам дека меѓу нас има усогласување на цели, вредности и бизнис принципи. Посветеноста кон иновациите и трансформацијата во маркетингот ме мотивираше дека ова е местото каде што можам значително да влијаам.
Кога беше донесена одлуката, тие ја поддржаа мојата преселба и преселбата на моето семејство од Канада во САД. Моментално живеам во Гринвич, Конектикат, работам помеѓу Њујорк и Гринвич, бидејќи мојот главен тим е помеѓу овие две канцеларии.
Извор: Приватна архива на Магдалена В. Пандилоска
Имате работно искуство и во Северна Америка и во Европа. Кои се клучните разлики што ги забележавте во работната култура и маркетинг стратегиите помеѓу овие региони?
Разликите лежат во комплексноста на пазарите, големината, брзината и можностите за поопширно влијание. Северна Америка е брза со фокус на технологијата и иновациите, додека во Европа важни се личните односи со клиентите. Креативноста е поголема на помалите пазари бидејќи буџетите се помали. Овие искуства ме научија да ги комбинирам двата пристапи, да пристапувам кон маркетингот од глобална перспектива, додека истовремено ја одржувам локалната релевантност.
За време на моето работење во Microsoft, имав можност да волонтирам преку програми кои го поддржуваа развојот во африканските земји и да патувам во Кенија и Маврициус. Во тоа време обучував мали бизниси како да применуваат дигитален маркетинг за зголемување на ефикасноста и наоѓање нови клиенти. Улогата на мобилната телефонија во маркетингот беше значителна. Во сегашната улога, планираме настани и конференции низ Азија (Хонг Конг, Сингапур), Емиратите (Дубаи), и Латинска Америка (Мексико). Секој од овие пазари има свои карактеристики и нашата маркетинг стратегија се разликува од пазар до пазар.
Како некој кој има постигнато значителен успех во маркетингот, каков совет би им дале на младите професионалци кои сакаат да изградат успешна кариера во странство?
Прифатете нови искуства. Градењето на кариера секаде бара љубопитност, отпорност и приспособливост. Активно барајте ментори и никогаш не престанувајте да учите. Секој предизвик е можност за раст.
Разберете како функционира бизнисот и како маркетингот може да го покаже своето влијание. Ова проактивно вклучување не само што ќе ги подобри вашите вештини, туку и ќе ве постави како вреден ресурс за вашата организација.
Извор: Приватна архива на Магдалена В. Пандилоска
Покрај професионалните достигнувања, активно сте вклучена во Вашата заедница. Како Вашата вклученост во Кошаркарската асоцијација MMBA и CMA MarTech комитетот го збогатија Вашиот живот?
Овие искуства ми создадоа можности за придонес во заедницата. Ги подобрија моите лидерски вештини и ми обезбедија платформа за напредок во индустријата. Научив како подобро да соработувам со другите и како да влијаам врз постигнување резултати без формален авторитет. Им служев на другите кога бев кошаркарски тренер за млади (скоро 15 години), кога бев во Одборот на директори носејќи одлуки за време на кризи како Ковид, или како маркетинг лидер во Канадската асоцијација за маркетинг. Верувам дека добив многу повеќе од тоа што го дадов, затоа што сите овие активности ме оформија во сестрана личност.
Како успевате да ја балансирате Вашата кариера со хоби-ангажманите?
Никогаш не ги гледав овие активности како хоби, туку како должност да служам и помагам со моите вештини. Овие ангажмани го збогатуваат мојот живот и ми даваат сила. Но, ништо од ова не ќе можев да направам без помошта на моите родители, мојот сопруг, и моите две деца. Не постои вистинска рамнотежа; потребно е умешно управување со времето и приоритетизирање. Се работи за тоа како јас се чувствувам за моето семејство и животот во целина, бидејќи стремежот кон рамнотежа може да ве насочи кон неуспех.
Гледајќи напред, кои се очекуваните големи трендови или промени во маркетинг индустријата, особено во финтек секторот?
Трендовите денес ги вклучуваат подемот на вештачката интелигенција (AI), deep tech и машинското учење, персонализацијата, како и користењето на податоци за носење на одлуки. AI може да се користи за креирање содржини, уредување, предвидување на трендовите на потрошувачите врз основа на внесените податоци, и забрзување на генерирање на leads преку машинско учење и соработка со продажбата. Овие трендови ја обликуваат новата ера на ангажираноста на клиентите, искуството и испораката на вредности во финтек и технолошкиот сектор воопшто.
Како изгледаше една Ваша работна недела пред да се преселите во Америка, на релација Њујорк, Торонто и Онтарио?
Вообичаена работна недела во текот на првите 7 месеци додека моето семејство сè уште беше во Канада, беше налик на вистински ролер-костер. Замислете утрински аеродромски старт во 4 часот. Во понеделник во 6:30 часот бев на лет од Торонто за Њујорк, балансирајќи меѓу состаноци, повици со дел од тимот во Швајцарија или Јапонија, појадок во рака. Во средината на неделата, на воз од Гранд Централ и Менхетен до Гринич (Конектикат) за соработка со другиот дел од мојот тим. До крајот на работната недела бев повторно во Торонто, а во меѓувреме, и со разговори преку Teams/Viber/WhatsApp со моето семејство.
Викендите секогаш со моето семејство и пријатели, или во кујна готвејќи им на децата некои од омилените јадења, па и за тоа требаше да се најде време.
Напорна е „динамиката“ меѓу градови, аеродроми, временски зони, но не би ја заменила за ништо друго. Само имајте со себе силна Wi-Fi врска, силно македонско кафе (кое сè уште го пијам), маски за лице за брзо освежување и добра смисла за хумор!