Александар Динев: „Брендовите и агенциите ја сфатија моќта на инфлуенсерите“

Александар Динев, име кое се издигна на македонската инфлуенсерска сцена, започна како младо момче зависно од YouTube видеа. Неговата автентична и позитивна содржина ги освои срцата на илјадници следбеници, кои секојдневно се инспирираат од неговите видеа.

aleksandar-2512-fi

Извор: Приватна архива на Александар Динев

Во ова интервју, Александар ни открива како неговата страст прерасна во професија, како ги надминува предизвиците со кои се соочува на македонскиот пазар, и што го мотивира да продолжи да креира, дури и кога е тешко. Подгответе се за искрен разговор со еден од најпопуларните инфлуенсери во Македонија, кој секогаш знае да ве насмее и инспирира!

Александар, како започна твојата приказна како инфлуенсер?

Како мал многу сакав да гледам YouTube видеа. Растев со креатори кои ги следам до ден денес, истите тие ме инспирираа да започнам и јас да си го документирам животот преку видео содржини. Немав на ум дека ова може да премине во моја професија, сѐ што правев беше чисто од љубов и забава, па затоа сметам дека многу брзо се пробив на социјалните мрежи.

Кој беше моментот кога сфати дека ова е твојата страст?

Кога сфатив колку само луѓето ги сакаат, почитуваат и уживаат во моите видеа. Успеав да запознам дел од моите следбеници во живо, е тоа веќе ми беше уште поголем индикатор дека конекцијата со нив е тоа што ме исполнува.

aleksandar-2512-ps1

Извор: Приватна архива на Александар Динев

Како би го опишал твојот стил на содржина на социјалните мрежи? 

Мојот стил е дефинитивно луда, претерана, но и позитивна содржина која има за цел да ги насмее или научи нешто луѓето.

Што те инспирира да креираш ваква содржина?

Недостатокот на позитивна енергија во нашето секојдневие. Сметам дека мора да намалиме со негативните вести, коментари, мислења и слично. Затоа мојот профил е простор каде што нема да најдете негатива, туку баш спротивното.

Кој беше најнеочекуваниот или најинтересниот коментар што си го добил од твоите следбеници?

Најинтересниот коментар што сум го добил од следбеничка во живо беше токму ова: „Динев, дали може да ми бидеш партнер за матура?”

Што ти претставува најголем предизвик како инфлуенсер во Македонија и како го надминуваш?

Дефинитивно негативните коментари поврзани со мојата фамилија и блиски. Најважно ми е во тие моменти да ги одбранам затоа што они во никој случај не се виновни за тоа што јас сум одлучил да се експонирам јавно.

dinev-2512-ps2

Извор: Приватна архива на Александар Динев

Ако можеш да соработуваш со било кој бренд во светот, кој би го одбрал и зошто?

До сега сум соработувал со многу брендови и на некој начин можам да кажам дека ми се исполниле некои соработки за кои сум мечтаел. Иако мојата листа на брендови со кои што сакам да соработувам е долга, тешко ми е, но сепак ќе морам да изберам топ 3: Nike, Apple и Chamberlain Coffee. Ова се брендови кои што ги сакам, почитувам и верувам во нивниот квалитет. 

Како го балансираш времето помеѓу креирање на содржина и твојот личен живот?

Ниту самиот не знам како. Кога си сам свој газда, секој ден ти изгледа различно. Имам периоди кога повеќе работам, а помалку имам слободно време и обратно. Но, дефинитивно научив да си го слушам телото кога ми е потребно одмор. 

Има ли момент кога сакаш да се „исклучиш“ од социјалните мрежи?

Реално, да! И тоа често го правам. Сметам дека иако интернетот и социјалните мрежи можат да ни влијаат добро, а во овој случај мене тоа ми е работа, сепак верувам дека знаат да бидат многу токсични и да ни го нарушат нашето ментално здравје. Затоа секогаш ги советувам луѓето околу мене да го спуштат телефонот, да уживаат во моментот и да си направат детоксикација.

dinev-2512-ps3

Извор: Приватна архива на Александар Динев

Кој е најсмешниот или најнеобичниот момент што си го доживеал додека снимаш видео?

Еднаш со Ева се изгубивме на Водно, ни беше едно доста страшно, но и смешно искуство! Еве линк до видеото:

https://vm.tiktok.com/ZMrstULAm/

Како гледаш на иднината на инфлуенсер-маркетингот во Македонија?

Гледам доста светла иднина, дури сметам дека сега е најправилниот момент да започнат оние кои се двоумат дали да снимаат. Има простор за сите! Баш се радувам кога гледам дека нашата заедница на креатори расте. А пак од друга страна гледам дека брендовите и агенциите ја сфатија моќта на инфлуенсерите, па затоа буџетите за инфлуенсер-маркетинг континуирано растат.

Што мислиш дека ќе биде следниот голем тренд?

Очекувам да имаме повеќе реалистичен контент. Под тоа подразбирам повеќе видеа каде што креаторите ќе се искрени, емпатични и најважно од сѐ – реални. Мислам дека на сите ни е преку глава да гледаме како луѓето си ги претставуваат животите како да им се средени, пицнати и совршени. 

Кој е твојот омилен начин за поврзување со твоите следбеници и зошто?

Кога читам коментари и пораки, но особено кога ги запознавам во живо. Некогаш низ екран знае да биде тешко да ги процесираш емоциите позади убавите нешта кои ги пишуваат за тебе. Но, во живо…тоа е веќе поинакво. Затоа скоро секоја моја средба започнува со една ОГРОМНА гушка!

aleksandar-2512-ps4

Извор: Приватна архива на Александар Динев

Дали имаш некои совети за младите кои сакаат да започнат своја кариера како инфлуенсери?

Секој кој што сака да започне со ваква јавна професија, важно е да знае дека постои многу критицизам и да биде спремен/спремна на негативни мислења. Не смеат да дозволат тие коментари да ги дефинираат како личности. Најважно од сѐ е да се пронајдат како личност, да работат на себе и да изградат самодоверба – така е полесно да се игнорира негативноста. Нормално е некогаш да нѐ допре некое туѓо мислење, но не смее да нѐ обесхрабри.

Што те мотивира да продолжиш со твојата работа како инфлуенсер, дури и во моменти кога е тешко?

Најпрво – поддршката! Без таа љубов од моите следбеници јас сум буквално никој и ништо. А покрај тоа,  финансиската слобода, флексибилниото време и креативноста се дефинитивно клучни за мојата мотивираност.

Кој е најдобриот совет што си го добил до сега за твојата кариера како инфлуенсер и од кого беше?

„Перфекционизмот те кочи во многу полиња, не може сѐ да е под конец. Важно е да дадеш чекор и да видиш каде истиот ќе те одведе.” – Мојата менторка Сања.

Кој би бил твојот совет за брендови кои сакаат да соработуваат со инфлуенсери? Што е најважно да имаат предвид?

Како бренд многу е важно да ги истражат добро инфлуенсерите и да си ги постават овие прашања:

  • Дали инфлуенсерот се совпаѓа со нашиот бренд?
  • Дали инфлуенсерот ја поседува таргет публиката која ни е потребна?
  • Дали инфлуенсерот има добра репутација и добри морални вредности?
  • Дали инфлуенсерот има реална публика и реален ингејџмент?
  • Дали ова соработка би била во заемна корист и на двете страни?

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.