Секој има лоши денови на работа, но кога лошата недела ќе се претвори во недели и месеци исцрпувачки стрес на работа, тоа го уништува здравјето.
Во продолжение анализа на HuffPost за тоа што му се случува на вашето тело кога си ја мразите работата.
Не можете да спиете
„Во повеќето случаи ќе поминувате бессони ноќи, и ова е најчестиот знак дека на работа нешто не е како што треба“, вели Моник Рејнолдс, клинички психолог од Центарот за анксиозност и промена на однесувањето во Мериленд. „Луѓето не можат да спијат бидејќи нивниот ум работи забрзано. Се будат сред ноќ размислувајќи за нивната листа на обврски.“
Неколку непроспиени ноќи не се голема работа, но ако ова стане образец, тоа може да биде знак дека вашиот стрес на работа станал токсичен.
Имате главоболки
Вашите мускули се напнуваат за да го заштитат вашето тело од повреди. Кога работното место го гледате како опасна зона, вашите мускули остануваат затегнати, тврди Американската асоцијација на психолози.
Хроничната напнатост во вратот, рамената и главата може да биде поврзана со мигрена и тензиони главоболки. „Стресот создава физиолошки симптоми, а тоа се манифестира како болка“, вели Рејнолдс.
Ве болат мускулите
Кога работата ви е токсична, може да се чувствувате како постојано да се борите. Под перципирана закана, вашиот мозок го преплавува вашиот организам со адреналин и други хормони на стрес.
„Нашите нервни системи на токсични работни места постојано се на работ“, вели Рејнолдс. „Постојано сме во исчекување, подготвени да реагираме на непријатен шеф или соработник.“
Вашето ментално здравје се влошува
Рејнолдс забележала дека зголемениот стрес може да ги влоши постоечките проблеми со менталното здравје. „Некој со кревко ментално здравје во токсично работно опкружување, ќе се чувствува полошо што дополнително негативно ќе влијае на менталното здравје.“
Ако се чувствувате како вашиот шеф да не ве сака, вашето ментално здравје ќе плати цена. Исто така, неправдата на работното место и чувството дека не ве ценат доволно може да му наштети на вашето севкупно здравје.
„Неправдата е особено отровен стресор бидејќи ја погодува сржта на тоа што сме“, вели таа. „Кога кон мене се однесувате неправедно, го напаѓате моето достоинство како личност — во суштина велите дека не заслужувам фер третман или дека не заслужувам кон мене да се однесуваат исто како кон другите.“
Често сте болни
Ако постојано сте настинати, размислете како се чувствувате во врска со работата. Голем број истражувања покажуваат дека хроничниот стрес може да го загрози имунолошкиот систем, правејќи ве почувствителни на болести.
Губите интерес за секс
Начинот на кој го поминувате вашето време одразува што цените. Кога ја носите работата дома, вашите односи може да трпат. Американската асоцијација на психолози забележува дека кога жените мораат да го усогласат професионалниот стрес со своите постојани лични и финансиски обврски, тоа може да ја намали сексуалната желба.
Кај мажите овој хроничен стрес може да резултира со намалена продукција на тестостерон, што пак доведува до намалено либидо. „Мора да постои одредено ниво на опуштеност за да се овозможи чувство на возбуда“, вели Рејнолдс.
Постојано сте уморни
Ако постојано се чувствувате уморни, без разлика колку долго спиете, можеби вистинскиот виновник е вашата работа.
Психологот Келоуеј забележува дека „нема специфичен начин на кој поединците реагираат на токсично работно место“, но вели дека уморот е дел од спектарот на физички симптоми што вработените може да ги почувствуваат.
Токсичните работни места може да создадат круг што нè исцрпува. „Се чувствувате преоптоварени бидејќи работите предолго, а работите предолго бидејќи се чувствувате преоптоварени“, вели тој.
Имате дигестивни проблеми
Дигестивните нарушувања, запекот и надуеноста може да бидат поврзани со стресот, бидејќи стресот влијае на тоа како цревата ја вршат својата функција и исто така може да ги промени нашите цревни бактерии, што пак влијае на нашето расположение.
Поради тоа, може да имате болки во стомакот кога сте вознемирени, вели Келоуеј, кој тоа го искусил на едно токсично работно место.
„Пред околу шест месеци почнав да забележувам дека секоја недела попладне ме боли стомакот. Не ме предупреди симптомот, туку моментот (токму кога почнав да размислувам за тоа што морам да направам во понеделник наутро) ме предупреди за поврзаноста со работата“, вели тој. „Сите симптоми исчезнаа кога дадов отказ и преминав на нешто друго.“
Вашиот апетит се менува
Вашиот апетит е тесно поврзан со вашиот мозок. Под акутен стрес, вашиот одговор „борба или бегство“ ослободува адреналин, кажувајќи му на вашето тело да ја потисне дигестијата за да се фокусира на спасување од перципираната опасност, тврди Harvard Health Letter.
Меѓутоа, при долготраен стрес, надбубрежните жлезди на вашето тело ослободуваат и создаваат кортизол, хормон кој може да го зголеми апетитот. Кога вашата работа предизвикува долготрајни емотивни проблеми, можете да се свртите кон храната за утеха.
Харвард исто така истакнува дека консумирањето слатка храна може да ги отупи реакциите и емоциите поврзани со стресот, поради што на неа често се гледа како на храна за утеха – но тоа е нездрава навика што треба да се избегнува, пренесува РТЦГ.