Секој од нас, најмалку еднаш во денот се среќава со едукативни или информативни текстови, како на социјалните медиуми така и на онлајн порталите, за тоа како да се справуваме со стресот на работа и да бидеме попродуктивни. Од експерти за човечки ресурси, преку еминентни психолози, па се до вработени во различни индустрии – сечиј совет и искуство е добредојдено.
Иницијалната каписла за зголемен стрес на работното место најчесто се ситуации кога работните саати се чинат прекратки за да ги извршите сите планирани обврски, а денот донел уште неколку дополнителни. Но, да бидеме реални – секоја работа носи ситуации кои понекогаш не ви се допаѓаат, проблеми кои морате да ги решавате и одредена доза на стрес која треба да ја контролирате, како не би влијаела на вашите перформаси, и на крајот од денот – на вашето ментално здравје.
Како да сработите повеќе за помалку време?
Но, да се вратиме на првата теза – како да се има време за сé? „За сé“ можеби нема формула, но има за тоа како вие да бидете задоволни со сработеното денес.
Следниве совети можат да ви помогнат:
Извор: Freepick
1.Блокирање на време (Timeblocking) е техника за продуктивност преку сопствено контролирање на работното време. Значи, не е толку до управувањето со времето, колку што е до контролирањето. Кога ќе го поделите вашето работно време на делови во кои ќе извршувате конкретни обврски и се придржувате кон тоа, тогаш опасноста од дистракции и де-фокус значително се намалува а продуктивноста докажано расте. Со методата на блокирање на време, секој хаотичен распоред со обврски се претвора продуктивен сојузник.
– Кој рано рани… Многу ќе се изненадите колку една мала промена во навиката за станување порано може да ви помогне. Со денешните флексибилности во работното време, дури и оние ранобудните многу често наутро стануваат токму во она време кое ни дозволува, често со брзање да стигнеме на работа, а тоа во никој случај не е посакуван начин да се започне работниот ден. Обидете се да стигнувате на работа што е можно порано, еден час, дури и два часа порано, а самата помисла дека имате повеќе време ќе ви ги намали грижите и ќе ви ја зголеми концентрираноста, обврските кои обично ги завршувате до 14ч, сега да се завршени до 11ч. Важно е самите да знаете зошто можеби се лишувате од еден или два часа подолго спиење наутро, а тоа е дека ќе бидете попродуктивни, посмирено ќе тече работниот ден, без постојано да бидете во трка со времето. Се исплати нели?
– Приоритетизирајте! Бидете конкретни за важноста на задачите, па така и правете го распоредот. Одличен начин за ова е да ја користите ткн. Ајзенхауерова матрица – алатка со која можете ги поставите обврските според итност и важност, односно да научите да правите дистинкција.
Итните задачи бараат ваше внимание сега и веднаш, бидејќи постојат јасни последици ако не ги завршите овие задачи во одреден временски рок. Ова се задачи што не можете да ги избегнете, и колку подолго ги одложувате, толку повеќе стрес веројатно ќе доживеете, што може да доведе до прегорување/burn-out. Важните задачи можеби не бараат итно внимание, но ви помагаат да ги постигнете вашите долгорочни цели. Само затоа што овие задачи се помалку итни, не значи дека не се важни. Ќе треба внимателно да ги планирате за да можете ефикасно да ги користите вашите ресурси.
Извор: Webmindmk
– Исклучете нотификации, пораки и други дистракции кога сте фокусирани на една задача и користете ја вашата концентрација максимално, до првата пауза. Правете кратки паузи, или една „главна“, бидејќи спротивно на најчестото мислење во случаеви кога имате многу работа, паузата не е губење време туку може многу да ви помогне да ги „дополните батериите“ и продолжите со висока концентрација без разлика што денот одминува.
– Учете постојано, за новите алатки и трендови во вашата индустрија бидејќи тоа следствено доведува до раст и подобри резултати кои ја бустаат вашата самодоверба во сопствените работни перформанси. И тука кругот се затвора и доаѓаме до првата теза – станувате се почесто задоволни од самите себеси и од сработеното во вашиот работен ден.
Во една реченица – контрола и распределба на времето, вашите приоритети и мотивираноста, придружувани од најдоброто од себе во поглед на дисциплина и придржување до истите, ќе ве доведат до посакуваната продуктивност, state of mind и, на крајот од денот, до раст.