Во Соединетите Американски Држави, бројот на кандидати за едно отворено работно место на LinkedIn пораснал од 1,5 во 2022 година на 2,5 во есента 2024 година.
Иако кандидатите може да се соочат со помал број отворени позиции и поголема конкуренција во споредба со претходните години, потрагата по работа би требало да биде „значително помалку болна“ отколку што беше во 2024 година, изјави Берт Бин, извршен директор на агенцијата за вработување Insight Global, за CNBC Make It.
Според Wall Street Journal, бизнис лидерите планираат да го зголемат вработувањето по периодот на неизвесност минатата година предизвикана од политички превирања, развојот на вештачката интелигенција и инфлацијата.
Бин наведува дека неговата компанија планира да ангажира двојно повеќе регрутери оваа година во споредба со 2024 година. Дури и ако не работите во областа на човечки ресурси или регрутација, зголеменото вработување во овие сектори може да биде показател за пошироко закрепнување на економијата. „Ако компаниите вработуваат во овој сегмент, тоа обично значи дека тие се подготвуваат за отворање позиции и во други оддели,“ вели Бин. „Сè уште сме претпазливи, но мислам дека бизнис лидерите моментално се најоптимистични во однос на последните две и пол години.“
Извор: Pexels
Повеќе од 75% од генералните директори очекуваат подобрување на глобалната економија во првата половина на оваа година, делумно поради очекувањата за пониски даноци и намалување на регулативите под новата администрација на Доналд Трамп, покажува неодамнешно истражување на консултантската фирма Teneo, спроведено кај повеќе од 300 извршни директори на јавни компании.
Речиси две третини од работодавачите во САД планираат да вработуваат на постојани позиции во следните шест месеци, пишува во извештајот на компанијата за вработување и консалтинг Robert Half. Ова претставува значителен пораст во споредба со средината на 2024 година, кога само половина од компаниите имале слични планови.
Иако вработувањето ќе почне да расте во 2025 година, одредени сектори нудат подобри шанси за кандидатите од другите. Бин ги советува кандидатите да се насочат кон позиции во здравствената заштита, инженерството, финансиите, како и во нафтената и гасната индустрија. Работодавачите во овие области го зголемуваат бројот на вработени од различни причини.
Оптимизмот меѓу раководителите во секторот за нафта и природен гас е на највисоко ниво во последните пет години, главно поттикнат од ветувањата на претседателот Доналд Трамп дека ќе го зголеми извозот на нафта и гас од САД, наведено е во истражувањето на компанијата за управување со ризици DNV. Поради очекуваниот раст, работодавачите во овој сектор го зголемуваат бројот на вработени.
Извор: Freepik
Во здравствениот сектор, причините за вработување се поинакви. Постои „силна и постојана побарувачка за таленти“ уште од почетокот на пандемијата, вели Бин, делумно поради високото ниво на исцрпеност и флуктуацијата на работната сила во овој сектор.
Покрај тоа, соочени со стареење на популацијата и појавата на нови, високо заразни болести, „здравствените установи, како што се големите болнички системи, значително вработуваат, особено медицински сестри, со оглед на недостатокот на медицински кадар во САД,“ истакнува Бин.
Компаниите во технолошкиот и финансискиот сектор ќе го зголемат вработувањето во 2025 година од едноставна причина, додава Бин, за да ги надоместат отпуштањата и конзервативното вработување што ги обележа овие индустрии во 2023 и 2024 година.
„Заканата од рецесија ги исплаши сите, а таа рецесија на крајот не се случи,“ вели Бин. „Како што самите се убедивме дека доаѓа рецесија, сега самите се убедуваме дека е завршена.“
Извор: Bizlife.rs