Оваа генерациска смена не е само статистика туку сигнал за голема промена во начинот на кој се водат компаниите. Милинијалците, израснати со интернет, постојана поврзаност и „култот на продуктивноста“, сега ги поставуваат новите правила на игра.
Нова генерација шефови: повеќе емпатија, но и повеќе стрес
Милинијалците се познати по својот фокус на емпатија, благосостојба на вработените, флексибилност и ментално здравје. Тие ја нормализираа работата од дома, отворено зборуваат за анксиозност и терапија, и често се трудат да бидат и ментори и пријатели на своите тимови.
Но, токму таа „генерација на разбирање“ денес е и најпогодена од burnout.
Според Glassdoor, бројот на спомнувања на изгореност во рецензии на работни места пораснал за 73% во однос на минатата година. Милинијалците се наоѓаат во т.н. „сендвич-фаза“ од животот – одговорни се и за своите тимови, и за семејство, деца, постари родители. Притисокот е огромен, а границите сè понејасни.
Тимски лидери, но без обука
Многу милинијалци признаваат дека никогаш не добиле вистинска обука за раководење. Се чувствуваат неподготвени за управување со генерациски мешани тимови, брзи промени и хибридни модели на работа. Во просек, денес еден менаџер управува со речиси дупло повеќе вработени отколку порано.
И додека се залагаат за емпатија, не сите се справуваат успешно со лидерската улога. Некои избегнуваат тешки разговори, не поставуваат јасни граници и, според критичарите, понекогаш премногу се обидуваат да бидат „кул шефови“. Резултатот? Замаглени очекувања, лажно чувство на сигурност и шок кога ќе треба сериозно да се постават работите.
Чувствителноста како нова менаџерска вредност
Главниот економист на Glassdoor, Даниел Жао, вели дека денешниот менаџмент сè повеќе се дефинира преку термини како „почитување граници“, „емпатија“ и „грижа за добросостојбата на вработените“. Тоа не значи дека милинијалците се подобри лидери, туку дека стандардите на вработените се значително повисоки.
Според Жао, иако ситуацијата на работното место не е идеална, барем не се влошува. Но реалноста е далеку од совршена – или како што би рекле Gen Z: „mid“.
Меѓу емпатијата и хаосот
И покрај обидите да градат доверба, генерациските разлики остануваат. Истражувањето на Deloitte покажува дека дури ни сите припадници на Gen Z не се чувствуваат вреднувано. Истовремено, милинијалците велат дека им недостасуваат ментори, поддршка и можности за развој.
Така, тие се обидуваат да балансираат помеѓу емпатија и авторитет, помеѓу улогата на „кул шеф“ и лидер со јасни стандарди. Но токму таму најчесто доаѓа до краток спој.
Лидери под зголемен притисок
Жао заклучува дека милинијалците моментално се во најнезгодната позиција: на врвот на кариерата, но и под огромен стрес и на работа и во приватниот живот.
Без разлика на предизвиците, тие сега се тие што ја дефинираат иднината на работата. Дали ќе изградат свет со повеќе емпатија и флексибилност, или само нова верзија на истиот стрес во ново пакување останува да видиме.
Извор: BizLife.rs