LinkedIn алатка што ја игнорирате но е клучна за вашиот професионален успех

Повеќето луѓе добро знаат дека е важно нивниот LinkedIn профил секогаш да биде ажуриран и уреден: јасно напишано резиме за кариерата и професионалните цели, листа на претходни работни позиции и клучни постигнувања на секое од нив, релевантни сертификати или дипломи што ги потврдуваат нивните вештини, како и фотографија што ве претставува во најдобро професионално светло.

linkedin-3348-fi

Извор: Freepik

Но, според искусниот регрутер Кетлин Нолан, постои една секција на LinkedIn која често е занемарена и „недоволно искористена“, иако токму таа може суштински да го збогати впечатокот што го остава вашиот профил во делот со препораки.

„Препораките на LinkedIn се всушност мали сведоштва за тоа какво е искуството да се работи со вас и како функционирате како член на тимот,“ објаснува Нолан за CNBC Make It.

„Не гледам многу луѓе кои ја пополнуваат оваа секција, а сметам дека таа може да биде од големо значење.“

Овие препораки може да бидат дадени од колеги, а дури и од пријатели, доколку заедно сте работеле на значајни лични или професионални проекти, додава Нолан.

Регрутерите, при разгледување на вашиот профил, особено позитивно го доживуваат фактот ако личноста што ја дава препораката има добро изграден LinkedIn профил, работи или работела во реномирана компанија или се наоѓа на менаџерска позиција, истакнува Горик Нг, советник за кариера на Харвард и автор на книгата „The Unspoken Rules“.

„Колку повисока е позицијата на лицето што ве препорачува, толку препораката има поголема тежина и кредибилитет,“ додава Нг.

Како да побарате препорака на LinkedIn?

Кога ќе се обратите до некој за препорака, важно е да напоменете дека активно го надградувате својот LinkedIn профил и да објасните кои се вашите цели (на пример, доколку сте во потрага по нова работна позиција во одредена индустрија).

Бидете искрени зошто токму таа личност може да биде вашата отскочна даска за вашата идеална работа и објаснете каков тип на повратна информација би сакале да добиете.

Во овие примери, може да ги вклучите техничките и „меките“ вештини што сакате да ги потенцирате за одредена позиција, како на пример способноста да ги надминете очекувањата или одличното познавање на анализа на податоци. На крајот, убаво е да напоменете дека препораката не мора да биде долга. Доволни се и една или две кратки, концизни реченици.

„Три квалитетни препораки се сосема доволни,“ советува Нг.

„Квалитетот е секогаш поважен од квантитетот.“

Не е доволно само што умеете – важно е и каква личност сте

Овие лични сведоштва за тоа каков колега/колешка сте, претставуваат одличен начин да ги истакнете вашите меки вештини, особено оние што тешко може да се видат низ формалните елементи како CV или мотивациско писмо.

Регрутерите бараат кандидати кои покажуваат адаптибилност, комуникациски вештини, способност за решавање проблеми, емоционална интелигенција и тимска работа, вели Нолан.

„Не е доволно само што умеете да направите нешто, туку и каква личност сте,“ додава таа. „Не мора да бидете најдобар пријател со секој колега, но одржувањето на топол и професионален однос е клучен дел од секоја успешна работна средина.“

Искористувањето на сите аспекти од вашата професионална мрежа станува сè поважно, особено во динамичен пазар на труд кој, според Нолан, е сè уште далеку од стабилен. Бројот на вработувања е намален, а многу вработени се загрижени поради можни масовни отпуштања и економска нестабилност.

„Препораката е секогаш најсилниот начин за да добиете шанса во некоја компанија. Ако имате пријател кој веќе работи таму, ако го познавате менаџерот за вработување или некој што може да ве препорача од срце, тоа е патот барем да ја добиете првата шанса за интервју, ако не и нешто повеќе,“ заклучува Нолан.

Извор: BIZLife

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.