Предоцна за каење? Еве за кои финансиски одлуки луѓето најмногу жалат

Кога биле прашани за својата најголема финансиска грешка во 2025 година, најголем дел од Американците имале ист одговор – недоволна заштеда. Тоа го покажа новата анкета на Bankrate, според која дури три четвртини од испитаниците навеле дека имале некакво финансиско жалење во изминатата година.

finansii-4288-fi

Извор: Freepik

Најмногу, околу 40 проценти, изјавиле дека жалат што не заштедиле доволно – било за пензиски фонд, фонд за итни случаи или образование на децата. На второ место, со 20 проценти, се најде задолжувањето преку кредитни картички или студентски кредити.

„Една работа која се повторува секоја година е фактот дека ‘недоволната заштеда за пензија’ и понатаму останува најголемо жалење. Колку што луѓето се постари и пензијата е поблиску, толку процентот е поголем“, истакнува Стивен Кејтс, финансиски аналитичар на Bankrate.

Алармантни бројки

Уште поважно е тоа што меѓу оние кои имаат финансиски жалења, дури 43% признале дека во текот на годината не презеле никакви чекори за решавање на проблемот. А кога се прашани што би имало најголемо влијание врз подобрување на нивната финансиска состојба, Американците најчесто посочувале пониски основни трошоци – гориво и храна, подобри работни можности, пониски кири и раст на берзата, пренесува CNBC Make It.

Како да ја вратите контролата врз заштедата?

Финансиските експерти нагласуваат дека најтешкиот дел е – да се започне. Иако на многумина им изгледа како да е предоцна, советот е едноставен: подобро доцна отколку никогаш. Еве три клучни чекори:

1. „Гасете“ ги финансиските пожари

Пред да се насочите кон долгорочна заштеда, најважно е да ги решите итните проблеми – пред сè долговите на кредитни картички и краткорочните заеми со високи каматни стапки. „Таквите долгови носат камати над 15% и директно ги кочат вашите финансиски и пензиски цели“, објаснува Џејк Мартин, сертифициран финансиски планер од Охајо.
Студентските кредити и хипотеките, пак, обично имаат пониски камати и бараат поинаков пристап – често е попаметно да се плаќаат минимални месечни рати, а остатокот да се инвестира.

2. Направете фонд за итни случаи

Откако долговите ќе бидат под контрола, следниот чекор е создавање фонд за итни ситуации – во висина на три до шест месеци животни трошоци. Ова е штит кој ве штити од нови задолжувања ако се случи нешто непредвидено, како губење работа или ненадејни медицински трошоци.

3. Забрзајте ја заштедата за пензија

Ако касните со пензиската заштеда, решението е – зголемете го темпото. „Додека повеќето луѓе издвојуваат 5 до 10% од приходот, оние кои сакаат да го надоместат изгубеното треба да целат на 20 до 30%, особено ако започнуваат во четириесеттите години“, советува Мартин.
Една од опциите е и продолжување на работниот век, за да се обезбеди подолг период за вложување.

Каде да се најдат пари за заштеда?

Најлесниот начин е – намалување на фиксните трошоци. „Фокусирајте се на она што е под ваша контрола“, советува Ештон Лоренс, финансиски планер од Јужна Каролина.

Тоа значи идентификација на „протекувањата“ во буџетот: непотребни претплати на апликации, честа достава на храна, импулсивни купувања, стил на живот кој расте побрзо од приходите. Секој заштеден денар, според него, може да биде насочен кон нешто повредно – заштеда и инвестирање.

Извор – bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.