Сите нови јавни објекти во земјите членки на ЕУ (од 2019 година) и сите нови згради (од 2021 година) мора да имаат висока енергетска ефикасност и многу ниска потреба за енергија, која во значителен дел се обезбедува од обновливи извори на енергија во непосредна близина или на самото место.
Како членки на Енергетската заедница, земјите кандидати за членство во ЕУ од регионот на Западен Балкан исто така се обврзани да ги применат стандардите на NZEB, а повеќето земји веќе работат на воведување на свои национални дефиниции за NZEB за да ги исполнат барањата.
Студиското патување организирано од германската банкарска развојна група KfW и Институтот за градежна физика „Fraunhofer“ претстави згради со речиси нулта и плус-енергетска потрошувачка.
Со речиси 40 учесници, вклучувајќи колеги од KfW од регионот на Западен Балкан, партнери од министерствата и други имплементациски агенции, како и надворешни соработници, патувањето ја истакна колективната посветеност на енергетската ефикасност во градежништвото. Оваа турнеја обезбеди практични примери за европските барања за енергетска ефикасност, олеснувајќи го преносот на идеи. Патувањето беше финансирано од Регионалната програма за енергетска ефикасност, инструмент на Инвестициската рамка за Западен Балкан за реализација на водечката иницијатива со 6 приоритети, т.н. „бран на ЕУ за реновирање“ од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.
Извор: Институтот за градежна физика „Fraunhofer“
По таа прилика, Хајке Ерхорн-Клутиг од Институтот Fraunhofer изјави: „Fraunhofer разви енергетски концепти за пилот проекти за згради со висока енергетска ефикасност и повеќе од 30 години ја оценува нивната реализација. Почнавме со соларни куќи, продолживме со куќи со ниска потрошувачка на енергија, трилитарски куќи, куќи со нулта потреба за греење, па дури и објекти со вишок енергија. Во моментов се фокусираме на згради и квартови со нулта емисии. Пилот проектите се важни за да на пазарот се покаже што е технички изводливо и да се отвори патот кон поамбициозни барања за енергетска ефикасност и енергетски ефикасни згради.“
Турнејата започна со посета на училиштето Louise-Otto-Peters во Хокенхајм (главна фотографија), кое може да прими до 280 ученици. Топлинска пумпа со капацитет од 29 kW со систем за складирање мраз и 14 соларни колектори обезбедува енергетска ефикасност и пасивно ладење во лето. Централниот систем за вентилација механички обновува над 80% од топлината, намалувајќи го губењето на топлината во зима. Ова училиште произведува повеќе енергија отколку што троши, што претставува пример за енергетски ефикасен дизајн.
Банштад, поранешен железнички центар во Хајделберг
Групата го посети Банштад, поранешен железнички центар во Хајделберг. Овој кварт без емисии се простира на 116 хектари и е дом на повеќе од 6 000 жители, како и 6 000 луѓе кои работат таму. Со проценета инвестиција од околу две милијарди евра, Банштад е најголемата населба на пасивни куќи во светот, значително намалувајќи ги енергетските потреби и надминувајќи ги германските регулативи. Од 2013 година, комбинираната топлана-електрана на дрвна биомаса го направи Банштад кварт со нулта емисија, што е пример за одржливо урбанистичко планирање.
Извор: Банштад
Aktiv-Stadthaus во Франкфурт
Aktiv-Stadthaus во Франкфурт, дел од програмата „Куќа на енергетска ефикасност Плус“, комбинира заштеда на енергија со производство на истата од обновливи извори. Зградата произведува повеќе енергија отколку што ѝ е потребно, а вишокот се користи за е-мобилност или складирање. Секој стан има свое броило за струја и греење, овозможувајќи им на станарите да ја следат потрошувачката и да ги споредат резултатите со другите, што ги поттикнува на штедење енергија. Зградата нуди претежно станови без бариери, енергетски ефикасни апарати, можност за изнајмување електрични возила и користење на локално произведена енергија.
KfW Westarkade
KfW Westarkade е високо ценета, еколошки прифатлива деловна зграда и една од најзелените во светот. Оваа зграда од 15 спрата, е дел од седиштето на банкарската група KfW, и вклучува конференциски центар и канцеларии за до 700 вработени. Нејзината уникатна конструкција е интегрирана со прометна улица и блиската ботаничка градина Palmengarten. Зградата се проветрува природно преку подземни канали и користи геотермална енергија за греење преку активација на бетонски плочи.
„Геометријата на зградата е прилагодена во согласност со двата главни правци на ветерот, што овозможува подобра вентилација преку фасадата и намалување на притисокот од ветерот, што резултира со помала структурна арматура и заштеда на трошоци,“ изјави Ралф Кинаст, водечки енергетски инженер во KfW, за време на посетата.
Поради извонредниот дизајн, KfW Westarkade во 2011 година беше прогласена за „Најдобра висока зграда во светот“ од Советот за високи згради и урбани живеалишта.
Извор: Оdrzime.rs