Што ja дефинира сржта на една организација и го обликува начинот на кој вработените соработуваат и напредуваат?
Културата на компанијата.
Што не претставува компаниска култура?
Културата на компанијата не е само збир на пишани правила или политики, ниту пак е само поволности како бесплатна пица, пинг-понг маса или новогодишни забави. Според тоа кога на интервју за работа ќе ви ги постават прашањата поврзани со животниот стил, хоби, милениче сигурно дека од одговорите не може да се одреди culture fit на идниот вработен.
Не се работи само за што тврди компанијата дека се залага, туку како тие принципи се практикуваат во секојдневното работење и донесување одлуки. Вистинската компаниска култура влијае на вработените и го поттикнува успехот на организацијата. Притоа не мора да имате 3 старни мисија и визија, а никој да ги нема ни прочитано а не пак да ги следи.
Тогаш, што е?
Јасни бенефиции, јасен кариерен пат, еднакви можности, конзистентни критериуми на вработување, отпуштање и унапредување, кохерентна врска меѓу вредностите и делата.
Компаниската култура ги опфаќа заедничките вредности, верувања, ставови и однесувања кои дефинираат како поединците во организацијата комуницираат и работат заедно.
Извор: Freepik / rawpixel.com
Пример, ако една од декларираните вредности на компанијата е одржливост или грижа за животната средина не може печатачот да работи и прекувремено, да не се селектира хартија или да се купуваат пластични шишиња или чаши. Или, ако се промовираме како компанија која дава еднакви можности на сите, не може колегата да оди на тренинг за стекнување специфични напредни вештини, а колешката со која се вработиле во исто време да биде прескокната затоа што наскоро ќе оди на породилно отсуство па не треба да се доедуцира и да има вештини кои ќе и донесат унапредување. Затоа е битно усогласувањето меѓу зборовите и делата.
Како се гради компаниска култура?
- Јасно дефинирајте ја мисијата, вредностите и целите на компанијата во 3-5 реченици
- Прашајте ги вашите вработени што сакаат
- Поттикнете здрава комуникација во компанијата
- Дајте приоритет на благосостојбата на вработените
- Континуирано следете и негувајте ја културата
Кои се бенефитите за компанијата од добрата култура?
Инвестирањето во и негувањето на добра култура може да донесе значителни придобивки за компаниите на долг рок. Некои од тие придобивки се:
- Зголемена продуктивност на вработените – Соодветна компаниска култура го поттикнува ангажманот на вработените, што доведува до поголема продуктивност и задоволство од работата.
- Поголема профитабилност – Компаниите со ангажирана работна сила доживуваат поголема профитабилност – всушност 21% повисока.
- Намалени трошоци за вработување – Подобреното задржување на вработените значи дека не се справувате со често барање на нови работници.
- Зголемена иновативност – Кога вработените се чувствуваат слободни и охрабрени да споделуваат идеи, тие можат полесно да смислуваат нови и да се адаптираат на промените, бидејќи се чувствуваат вклучени и ценети.
- Подобрена услуга за клиентите – Докажано е дека задоволните вработени имаат тенденција да обезбедат подобра услуга за клиентите.
- Привлекување на нови талентирани вработени – континуирано расте бројот на вработени кои велат дека би ја напуштиле својата компанија за друга со подобра култура.
- Подобрена флексибилност и приспособливост – Компаниите со силни култури полесно ја смирија кризата во пандемијата, поради тоа што вработените имаат изградено чувство на сигурност и безбедност.
Извор: Freepik
Значењето за вработените
Според една студија, вработените најмногу ја разбрале и чувствувале културата на нивната организација преку: мисиите и вредностите на компанијата, признанијата и пристапот на компанијата кон нивните перформанси. Посакувано искуство на работното место е вработените да се чувствуваат ценети, сигурни, почитувани, да го добиваат ветеното и да имаат можности за учење и напредок.