Планирањето, развојот и имплементацијата на стратегија за брендирање на вашата компанија како посакуван работодавец може да биде сложен но неопходен проект особено ако сте во индустрии кои во моментов се соочуваат со недостиг на квалификуван кадар. Поседувањето на силен бренд може да ја издвои вашата организација од конкуренцијата, да помогне во привлекувањето и задржување на талентирани вработени, да ги намали трошоците за вработување и да го подобри вкупниот успех на компанијата.
Од каде да започнете?
Од анализа на вашата моментална позиција на пазарот на труд. За да развиете силен, релевантен и автентичен бренд на работодавец важно е да знаете со што располагате и каква е вашата репутација како компанија.
Извршете интерна анкета, изберете неколку претставници од секој тим и поканете ги на неформални интервјуа. Исто така, не ги прескокнувајте exit интервјуата затоа што ви се одлична можност да соберете вредни повратни информации. Ако имате пристап до било какви надворешни ресурси како што се оценките на Glassdoor, вклучете ги овие во вашата анализа.
Откако ќе сфатите каде сте прашајте се каде сакате да бидете. Важно е да си поставите мерливи цели кои треба да бидат постигнати со имплементација на employer branding стратегијата. Некои од нив може да бидат:
- Зголемен број на апликанти за отворените работни позиции
- Подобар квалитет на кандидатите кои се пријавуваат
- Поголема заинтересираност на кандидатите за вашата компанија
- Поголема свесност за бенефитите од работата во вашата компанија кај потенцијалните идни вработени
- Подобрување на вашата репутација како работодавец итн.
Кои кандидати сакате да ги привлечете?
Пред воопшто да лансирате какви било employer branding активности дефинирајте ги карактеристиките како работно искуство, квалификации, плата, кариерно ниво, мотивација, очекувања, цели итн. на вработените кои сакате да дојдат или да останат во вашата компанија. Ако знаете каков профил на вработени сакате во вашата компанија многу полесно ќе ги адаптирате пораките во вашата employer branding кампања на тоа што тие луѓе сакаат или очекуваат да го слушнат.
Што нудите?
Свеста за вредноста на вашата компанија како работодавец е клучна за непристрасна анализа, поставување реални цели и остварување на истите.
Дајте одговори на прашањата:
- Што го прави вашето работно место посебно?
- Какви бенефиции нудите?
- Каков ви е onboarding процесот?
- Која е временската рамка за напредување во кариерата?
Важно е да се разбере, за да може да се искомуницира во кампања, што вашата организација може да понуди што другите не можат. Ова може да биде сè од флексибилни работни часови, менторски програми, можности за учење и развој, до уникатна работна култура. Определете ги вашите најсилни страни како работодавец и користете ги овие информации за да ги привлечете вистинските кандидати.
Како и каде ќе ги пласирате пораките кои сте ги дефинирале во employer branding стратегија
Содржина која може да вклучува блог постови, видеа, интервјуа со вработени вообичаено се пласира на компаниските канали на социјалните мрежи или во медиумите. Дополнително интерни менторски програми, програми за стипендирање, настани за вработени, волонтерски акции, признанија се активности кои се користат како генератори на содржина за комуникациските канали.
Вработените како амбасадори
Вработените може да споделуваат содржина, но и да учествуваат во креирање на истата, да учествуваат во дискусии и конференции како претставници на компанијата, да учествуваат во програма за препорака на нови вработени и да помогнат во промовирањето на вашата организација како одлично место за работа.
Но кога сте им дале сценарио па изгледаат и звучат како во видеото подолу, сте ја промашиле поентата.
Конзистентност
Конзистентноста освен што значи дека вашите пораки, визуелни идентитети и содржини треба да бидат конзистентни низ сите канали и платформи исто така подразбира дека тоа што се промовира во employer branding кампањата треба да соодветствува на она што навистина се случува во компанијата.