Историјата на електричните возила е долга повеќе од сто години, а малку е познат фактот дека тие се создадени во 19 век, пред најпопуларните автомобили на денешницата со мотори со внатрешно согорување кои користат фосилни горива. Сепак, дојде моментот кога електричните возила се враќаат во полн сјај, а додека не го заземат тронот како водечко превозно средство, ќе се навратиме на нивната интересна историја.
Густав Труве во 1881 година го создал првото електрично возило во возна состојба
Густав Труве, француски електроинженер, се смета за креаторот на првото електрично возило, кој инсталирал електричен мотор и батерија на трицикл во 1881 година. На овој начин го создал првото електрично возило во возна состојба. За неговиот изум, претходно придонес дале унгарскиот свештеник и физичар Аниош Једлик, кој во 1828 измислил рана верзија на моторот со еднонасочна струја и францускиот физичар Гастон Планте, кој во 1859 година ја создал првата батерија на полнење.
Првите комерцијални електрични возила почнале да се продаваат во 1890-тите, а Анри Пипер развил еден од првите хибридни автомобили во Белгија. На самиот крај на 19 век, 40% од американските автомобили се движеле на пареа, 38% биле електрични, а 22% имале мотор со внатрешно согорување. Интересно е да се забележи дека во тоа време американските електрични автомобили се произведувале речиси двојно повеќе од возилата со мотор со внатрешно согорување. Сепак, првите децении на 20 век донесоа поевтини модели на автомобили со мотори со внатрешно согорување кои се движат со помош на фосилни горива, а електричните возила беа исфрлени од пазарот.
Литиум-јонските батерии и големиот камбек
Развојот на литиум-јонските батерии во 1980-тите, кои имаа поголема моќност, предизвика нов интерес за електричните возила, бидејќи нивниот домет исто така се зголеми. Литиум-јонските батерии се единствен дел од електричните автомобили и немаат никакво негативно влијание врз животната средина. Затоа и не е чудно што во 2019 година добија Нобелова награда. Предноста на овие батерии се рефлектира во литиумот, кој е најлесниот познат метал. Побарувачката за нив нагло се зголеми во изминатите неколку години, кога многу водечки земји и производители на автомобили најавија постепено укинување на возилата со мотори со внатрешно согорување. Токму на овој начин, електричните возила ќе станат алатка за сите возачи, што ќе придонесе за намалување на загадувањето и заштита на природата.
Извор: Freepik
Во текот на деведесеттите години на минатиот век, американската сојузна држава Калифорнија ги наметна своите регулативи за зголемување на продажбата на автомобили со нула емисија на штетни гасови, што служеше како поттик за новата генерација на електрични автомобили. Во 1996 година, компанијата General Motors започна со сериско производство на моделот на електрично возило „EV1“. За три години беа продадени повеќе од 1.000 примероци, но поради тогаш ограничената технологија на батерии, производството беше прекинато. Една година подоцна, беше произведено првото масовно хибридно електрично возило. Токму Toyota Prius го постигна најголемиот комерцијален успех со 6,1 милиони продадени примероци ширум светот. Една деценија подоцна, во 2008 година, Tesla Roadster со домет од 245 милји започна бран на електрични возила со високи перформанси.
Tesla hype-от сè уште е неатрактивен за Балканот
Електричните автомобили се веќе присутни на Балканот и нивното присуство во патниот сообраќај се зголемува од година во година. Но, во споредба со другите возила, електричните автомобили сочинуваат мал процент. Вкупната продажба на автомобили во Хрватска расте. Во 2023 година се регистрирани 56.697 нови автомобили, што е зголемување за 28,6 отсто во однос на 2022 година. Индивидуалните субвенции кои ги дава државата за да поттикне купување на вакви автомобили и заштита на животната средина се до 9.000 евра, но има и ограничување кое вели дека возилото мора да вреди најмногу 50.000 евра.
Речиси секој десетти патнички автомобил продаден во Словенија во 2023 година бил електричен. Но, Словенија бележи стагнација на интересот за електрични возила и нуди субвенции од 6.500 евра.
Во Србија има раст, но електричните возила сè уште сочинуваат околу 1 отсто од вкупниот возен парк во земјата, а субвенциите за купување на електрично возило изнесуваат 5 000 евра.
Босна и Херцеговина минатата година забележа пораст на увозот на електрични и хибридни автомобили, а во исто време ја подобрија и инфраструктурата за нивно полнење. Оваа држава нуди субвенции од 5000 евра.
Извор: Freepik / Frolopiaton Palm
На црногорските патишта има околу 500 целосно електрични или хибридни автомобили. Црна Гора особено ја стимулира електричната мобилност, за која субвенциите достигнуваат и до 7.000 евра.
Бројот на регистрирани електрични возила во Македонија, иако се зголемува од година во година, сепак е незначителен и изнесува околу 0,1 отсто. Меѓу причините за ваквата статистика се стандардот на граѓаните, лошата инфраструктура за овој тип возила, како и цените. Државата не нуди субвенции, а договорот за отворање на фабрика за електрични автомобили во Тетово, чија изградба требаше да започне во 2022 година, е раскинат.
Со пронаоѓањето на нови технологии и решенија кои ќе влијаат на намалување на штетните гасови во атмосферата, богатата историја на електричните возила ќе биде само уште еден аргумент за овој тип на автомобили да го освои светот. Подигнувањето на свеста за важноста на заштитата на животната средина ќе ги мотивира луѓето ширум планетата да се одлучат за користење на електрични автомобили, оставајќи јасна порака до идните генерации кои веруваме дека ќе ги следат нашите добри одлуки и ќе ја заштитат природата која е дом на сите нас.
За критиките на електричните автомобили
Во светот денес постојат и спротивставени мислења околу прашањето дали електричните автомобили навистина произведуваат помалку емисии на јаглерод од возилата со бензин или дизел. Клучниот аргумент, како што известува The Guardian, се истражувањата кои сугерираат дека производството на автомобили со батерии резултира со околу 60-70% повеќе емисии на јаглерод и стакленички гасови во споредба со производтвото на автомобили на фосилни горива. Магазинот се повикува на тврдењата на Националната лабораторија во Илиноис и истражување спроведено од компанијата Volvo.
Извор: Freepik
За волја на вистината, секоја проценка на емисиите на јаглерод поврзани со производот треба да се разгледува во контекст на целиот животен циклус, од производство до отфрлање, па и рециклирање. Многу тврдења за наводно полошата еколошка такса на електричните автомобили се фокусираат на производството и ја игнорираат вистинската употреба на автомобилите. Точно е дека електричните возила трошат значително повеќе енергија за производство, и иако електричната енергија може да се произведува со нула емисии, сепак повеќето земји сè уште согоруваат фосилни горива кои ослободуваат јаглерод. Тоа значи дека, во старт електричните автомобили се произведени со, како што тоа го нарекуваат „долг за јаглерод“ (carbon debt), кој го исплатуваат во рок од само две години од користење на возилото. Но, и за ова постои контрааргумент, кој го потенцира се почестото купување на нови електрични возила од страна на луѓето во земјите со висок стандард, што не дозволува електричниот автомобил потполно да ја оствари целта за која е создаден.