Истражувањата покажуваат дека најуспешните и најкреативните луѓе честопати се одликуваат со извонредна способност за емоционална регулација. Добрата вест е што оваа вештина може да се развие. Еве како:
Избирајте внимателно каде ја вложувате својата енергија и време
Луѓето што добро управуваат со емоциите свесно ги избираат активностите во кои се вклучуваат. Знаат што ги исцрпува, а што им ја обновува енергијата. Оваа стратегија се нарекува „селекција на ситуација“ – не значи избегнување на стрес, туку свесен избор на предизвици кои се во согласност со личните вредности и цели.
На пример, ако работите на остварување на долгогодишен сон (како пишување книга), однапред прифаќате дека ќе има тешки моменти. Кога сте свесни дека непријатноста има смисла, полесно ги контролирате своите реакции.
Променете ја околината
Промената на физичкиот простор може значително да помогне во управувањето со емоциите. Ако, на пример, тешко преминувате од „деловен режим“ во креативен фокус, промена на околината – библиотека, кафуле или друга просторија, може да му сигнализира на мозокот дека е време за нова ментална состојба.
Новото опкружување го освежува умот, го намалува стресот и го олеснува преминот во продуктивност.
Пренасочете го вниманието
Како што одвлекувањето на вниманието помага кај физичката болка, истото важи и за емоционалната тензија. Ако се чувствувате фрустрирано во тек на некоја непријатна ситуација, кратка пауза или промена на задачата може да ви помогне да се “ресетирате” и да добиете нова перспектива.
Истражувањата покажуваат дека луѓето се покреативни кога имаат предизвикувачки цели, но и можноста за менување на задачите ги одржува мотивирани и помага вниманието да биде продуктивно насочено.
Обликувајте ги неуспесите
Неуспехот често предизвикува силни емоции како: разочараност, лутина, па дури и очај. Иако овие реакции се нормални, тие можат да нè блокираат да се обидеме повторно.
Во такви моменти, корисно е да застанеме, да задржиме љубопитност и да си поставиме прашања: Дали реакциите на другите се резултат на незаинтересираност или на недостиг од информации? Дали нашата анксиозност е знак за неуспех или доказ дека ни е навистина грижа?
Овој пристап ни помага непријатните емоции да ги претвориме во можност за учење и личен раст.
Променете ја вашата реакција a не само однесувањето
Во некои ситуации, немаме простор да покажеме како навистина се чувствуваме. Можеби сте уморни, а треба да изгледате ентузијастично. Или сте нервозни, а од вас се очекува трпеливост. Тука зборуваме за т.н. емоционален труд.
Постојат две стратегии:
Површна адаптација – претставување дека чувствуваме нешто што се очекува, но реално не го доживуваме. Ова може да „заврши работа“, но е ментално исцрпувачко.
Длабинска промена – обид искрено да го смениме начинот на кој се чувствуваме за да можеме автентично да реагираме.
Длабинското усогласување со емоциите е долгорочно поздрав и поефикасен пристап. Колку повеќе ја вежбаме промената на сопствената реакција, толку повеќе созреваме и во приватниот и во професионалниот живот.
Емоционалната интелигенција не е наследна туку се гради
Управувањето со емоциите не е вродена особина, туку вештина што се гради преку секојдневни избори. Преку внимателен избор на средината, свесно насочување на вниманието и обликување на неуспесите, можеме да ја развиеме емоционалната отпорност и да станеме посмирени, поефикасни и поуспешни во секој аспект од животот.
Извор: bizlife.rs