Сезонските намирници секогаш се на врвот на нутриционистичките препораки, бидејќи помагаат телото да се усогласи со природните ритми. Постигнете подобар баланс со храна богата со хранливи материи кои ве подготвуваат за студените денови.
Храната што ја консумирате во периодот кога природно созрева е на својот врв, не само по вкус, туку и по нутритивна вредност. Таа е полна со витамини, антиоксиданси и растителни влакна – сите вредни сојузници на имунитетот, здрав микробиом, хормонална рамнотежа и севкупна виталност. Некои од овие дарови на есента се наоѓаат и на листата на намирници што го забавуваат стареењето, што е уште една причина да ги вклучите во секојдневното мени.
Сезонски намирници што треба да се најдат на вашата трпеза
1. Брокула – за зајакнување на имунитетот
Експертите посочуваат дека брокулата во есен содржи речиси двојно повеќе витамин Ц отколку во пролет. Ова е значаен факт, бидејќи токму во есен на телото му е потребна дополнителна поддршка во борбата со вируси и пад на енергија.
Брокулата е богата со витамин Ц, што преставува моќен антиоксиданс за зајакнување на имунитетот, витамин К, кој е важен за здрави коски, и фолна киселина која ја поддржува мозочната функција и расположението. Дополнително, таа содржи изобилство од растителни влакна што се клучни за добро варење, балансирање на шеќерот во крвта, здрав микробиом и сјајна кожа.
Може да се јаде свежа во салати, приготвена на пареа, во супи, пиреа или печени во рерна со маслиново масло и лук. Одлично се комбинира со интегрални житарки или пилешко месо.
2. Лиснато со зелен зеленчук – рукола, спанаќ, кељ и блитва
Овие зеленчуци се вистински шампиони во густина на хранливи материи. Во есен, кога се посвежи и помалку горчливи поради пониските температури, содржат максимална количина витамини и минерали.
Тие се богат извор на бета-каротен (провитамин А), кој ја штити кожата и слузницата, витамин Ц за имунитет, витамин К за коските, железо за енергија и магнезиум за нервниот систем и добар сон.
Лиснатиот зеленчук е идеален за смути, салати, зелени чорби или како прилог со маслиново масло и лук. Одлично се вклопува со ореви, тиква и козјо сирење, создавајќи вкусен и здрав есенски оброк.
3. Бадеми – за тело и ум
Иако се достапни цела година, бадемите природно се берат од август до октомври. Кога се свежи и несолени, тие се најбогати со корисни маснотии и витамини.
Содржат витамин Е – силен антиоксиданс за кожата и клетките, влакна за варење, магнезиум против грчеви и замор, и протеини за регенерација и енергија.
Шака бадеми е одлична ужина, а можете да ги додавате и во каши, салати или печени јадења. За жените во средни години, бадемите се здрав извор на масти кои го поддржуваат хормоналниот баланс и здравјето на срцето.
4. Сончогледови семки – супер-храна
Сончогледот се бере на есен, кога семките се најхранливи. Тие се незаслужено потценета супер-храна, погодна за MetaBoost исхрана – пристап што го оптимизира телото природно.
Богати се со витамин Е, селен за функција на тироидната жлезда, цинк за имунитет и кожа, и фитостероли што го намалуваат холестеролот.
Најдобро е да се јадат непечени и несолени, посеани врз салати, супи, житарки или во домашен леб. Одлично се комбинираат со тиква, киноа и калинка за антиоксидантен есенски оброк.
5. Тиква – кралицата на есенската трпеза
Со доаѓањето на есента, се појавува кралицата на сезоната – тиквата. Со нејзиниот сладок вкус и кремаста текстура, таа е совршена за здрава есенска исхрана и силен имунитет.
Тиквата содржи бета и алфа-каротен што се претвораат во витамин А, неопходен за вид, кожа и имунитет. Богата е и со витамини Ц и Е, како и со растителни влакна. Најлесно се подготвува во рерна, а може да се користи и за пире, крем супи или здрави есенски десерти. Добро се комбинира со цимет, јаткасти плодови и јогурт – идеална за солени и слатки оброци.
Сезонска исхрана како дел од есенската рутина за грижа за себе
Есента е сезона на внатрешно обновување, балансирање на хормони, зајакнување на имунитетот и поврзување со природата преку храна. Кога ги избирате сезонските намирници, го внесувате природниот ритам и во своето тело и во секојдневниот живот. На тој начин не само што го поддржувате телото и виталноста, туку и сопствената интуиција и внатрешен мир.
Извор: easylife.rs