Во реалноста, досадата, дури и кај децата носи многу придобивки. Често слушаме приказни за познати писатели, уметници и пронаоѓачи кои своите први идеи ги добиле токму во моменти на здодевност. Значи, досадата не треба да се избегнува или да се затрупува со бескрајни листи на активности. Ако им помогнеме на децата да го поминат тој непријатен момент, на другата страна ги чекаат бројни придобивки. Во суштина, досадата е прашање на социјално-емоционален развој. Можеме ли да им помогнеме на децата да развијат емоционални вештини за справување со неа?
Придобивки од досадата
Науката потврдува нешто што многу родители веќе го чувствуваат – досадата може да биде најголемиот подарок што ќе му го дадете на вашето дете. Еве неколку клучни причини:
1. Креативност
Истражувањата покажуваат дека кога луѓето се занимаваат со „непредизвикувачки задачи кои го пуштаат умот да талка“, стануваат покреативни. Значи, дозволувањето себеси (или на детето) да „губи време“ всушност може да поттикне нови идеи – затоа најчесто најдобрите мисли ви доаѓаат под туш или во прошетка.
2. Емоционално поврзување
Досадата сигнализира недостаток на смисла, што нè поттикнува повторно да ја пронајдеме. Во тие моменти често се јавуваат носталгични спомени и подлабоки емоции. Тие нè поттикнуваат да размислуваме за сопствените вредности и желби.
Психологот Џон Иствуд вели: „Ако никогаш не забавиме и не си дозволиме да ни биде досадно, никогаш нема да имаме можност да ги разјасниме нашите желби, способности и уникатен начин на изразување.“
3. Ментално здравје
Во свет преполн со екрани и обврски, досадата носи ментален одмор. Иако може да биде непријатна на почетокот, таа нè учи на интроспекција. Многу научници и уметници признаваат дека токму во тие моменти ги откриле своите вистински таленти. За разлика од возрасните, децата имаат повеќе шанси да се досадуваат, и токму таа досада е можност да се поврзат со себе, да развијат трпение, фантазија и внатрешен мир.
Како да им помогнете на децата да се справат со досадата
1. Поминете низ непријатноста
Ако детето не е навикнато на слободно време без содржина, првите неколку минути ќе бидат тешки. Но откако ќе помине тој момент, често се случуваат најубавите нешта – игра со коцки, создавање нешто од кутија, разговор со родителот. Тогаш се случува вистинската поврзаност.
2. Без план и цел
Суштината на досадата е токму во отсуството на план. Не мора да бидеме некаде, ниту да правиме „корисни“ нешта. Само да постоиме заедно. А подоцна, кога детето ќе научи само да го користи своето време, доаѓа важен чекор – самостојна игра и размислување.
Во нашиот дом, на пример, секоја недела имаме „тивко време“ од еден час. Децата читаат, создаваат, истражуваат низ собата. На крајот, сите излегуваме од тоа време одморени и подготвени за новата недела.
Лекции што остануваат
Децата никогаш нема да го заборават времето кога им било досадно, кога морале сами да измислат игра, да прават кули од ЛЕГО коцки или едноставно да размислуваат. Тоа време ги гради извршните функции – планирање, решавање проблеми, самоконтрола, вештини клучни за среќен и исполнет живот.
Затоа, следниот пат кога ќе чуете: „Мамо, досадно ми е !“, сетете се – можеби токму тоа е најдобрата вест што ќе ја слушнете тој ден.
Извор: bizlife.rs