Додека деновите стануваат пократки, а улиците го добиваат својот зимски сјај, Европа се подготвува за најубавиот дел од годината – сезоната на божиќните маркети.
И оваа зима, бројни европски градови ги отвораат своите врати за илјадници посетители кои сакаат да ја почувствуваат таа посебна празнична топлина. Ви пренесуваме кога точно се отвораат најпознатите и најпосетувани божиќни маркети во Европа во 2025 година и зошто вреди да го спакувате куферот веднаш штом ќе се запалат првите празнични светилки.
Виена, Австрија – класична елеганција на празниците
14 ноември – 26 декември 2025
Виена е синоним за божиќна романтика. Пред Градската куќа (Rathausplatz) никнуваат куќички со рачно изработени украси, мирис на пунч и виенски колачи. Лизгалиштето, детските работилници и звуците на валцер го претвораат целиот центар на градот во бајка што никогаш не излегува од мода.
Прага, Чешка – златниот град под снег
29 ноември 2025 – 6 јануари 2026
Староградскиот плоштад со огромната елка и позадината на готските кули изгледа како сцена од божиќен филм. Додека се пие варено вино и Pilsner пиво, локалците нудат „trdelnik“ печен колач со шеќер и ореви, што најубаво се јаде додека уживате во погледот од Карловиот мост.
Брисел, Белгија – светкавиот север
28 ноември 2025 – 4 јануари 2026
Маркетот „Winter Wonders“ се протега низ целиот центар на Брисел, со повеќе од 200 дрвени куќички, голем рингишпил и светлосни проекции. Атмосферата е космополитска, а вкусот на белгиските вафли и чоколадо е неизоставен дел од празничната прошетка.
Краков, Полска – топлата душа на Средна Европа
29 ноември 2025 – 1 јануари 2026
На главниот плоштад, меѓу коњи, светла и песни, Краков нуди нешто што ретко кој град го има – искрена автентичност. Мирисот на медени колачи и топло пиво се меша со божиќни песни, додека времето накратко запира.
Будимпешта, Унгарија – Дунав под светлината
15 ноември – 31 декември 2025
На плоштадот Vörösmarty никнува бајковит маркет со домашни специјалитети и дрвени подароци. Во позадина се гледа Дунав, а во воздухот се шири мирис на варено вино и гулаш. Лизгалиштето кај Базиликата Свети Стефан е едно од најубавите во Европа.
Келн, Германија – мирис на карамела под катедралата
18 ноември 2025 – 4 јануари 2026
Плоштадот под прочуената катедрала се претвора во море од светилки. Келн е познат по топлата, семејна атмосфера и музиката во живо. Вареното вино овде се пие од специјални шолји што посетителите ги чуваат како спомен.
Салцбург, Австрија – местото каде се родила „Тивка ноќ“
20 ноември 2025 – 1 јануари 2026
Градот на Моцарт и ангелите го одзема здивот во празничната сезона. Плоштадот пред катедралата мириса на бадеми и ванила, а хорови пеат божиќни песни токму таму каде што првпат била изведена „Тивка ноќ“. Салцбург е духовниот и музички центар на зимата.
Стразбур, Франција – таткото на сите божиќни маркети
24 ноември – 24 декември 2025
Најстариот божиќен маркет во Европа постои уште од 1570 година. Уличките на стариот Стразбур се покриени со светла, а дрвените куќички кријат вина, сирења и украси што ја одразуваат традицијата на Алзас. Не случајно го нарекуваат „Престолнина на Божиќ“.
Париз, Франција – Градот на светлината во празничен сјај
27 ноември 2025 – 5 јануари 2026
Париз за време на празниците изгледа како бајка. Божиќни маркети никнуваат низ целиот град од Елисејските полиња и Плоштадот Конкорд, до подножјето на Ајфеловата кула. Улиците се осветлени со милиони светилки, а мирисот на печени костени и варено вино се шири покрај бреговите на Сена, додека пред Нотр Дам се пее и наздравува на празничната магија.
Зимско бегство од секојдневието
Без разлика дали го избирате Стразбур поради традицијата, Прага поради романтичните погледи или Виена поради елеганцијата, сите овие градови нудат исто – можност да застанете, да се насмеете и да го почувствувате она исконско – духот на Божиќ.
Зашто, можеби зимата е студена, но таму каде што се пие варено вино и се шири насмевка – таа станува најтоплото годишно време.
Извор: https://bizlife.rs