Се чини дека Range Rover оди по истиот пат како Jaguar: од силен автомобилски бренд, кон визуелна lifestyle платформа. Разликата е што додека Jaguar тоа го направи гласно, преку вирална кампања што предизвика лавина реакции, Range Rover го направи тивко, но со истата суштинска насока.
Ново лого, нов визуелен јазик?
Новото лого дизајнирано со минималистички пристап не е создадено да го замени натписот „Range Rover“ на возилата и нема да се користи на хауби, решетки или задни делови. Наместо тоа, ќе се појавува дискретно во ентериерите, на етикети, дигитални површини и други дизајнерски контексти каде текстот не е применлив, но визуелната естетика има тежина. Овој мотив не е технички знак, туку естетски код. Инспириран е од дизајнерскиот пристап на модни брендови како Gucci и Coach, каде повторувачките симболи служат како визуелна вредност самите по себе.
Стратегијата зад симболот?
Овој потег е дел од пошироката трансформација на Jaguar Land Rover во „house of brands“ структура, каде Range Rover, Defender, Discovery и Jaguar се развиваат како одделни брендови со свој визуелен и комуникациски идентитет. Наместо да се потпираат на ист дизајн систем, секој модел добива уникатен стил и со тоа, можност за поширока комерцијална експанзија: мода, технологија, дигитален дизајн.
Со новото лого, Range Rover добива симбол што може да го „носи“ и надвор од автомобилите – на чанти, модни додатоци и брендирани дизајнерски предмети. Брендот сè поотворено навлегува во фешн-просторот, градејќи присуство што се однесува не само на тоа како изгледа автомобилот, туку и како изгледа сè околу него. Симболот станува дел од стилот на живеење – визуелен потпис на идентитет, а не само на производ.
Но во исто време, со ваквата минималистичка комуникација, брендот ризикува да делува недостапно или дури нејасно, особено ако не го објасни јавно значењето и стратегијата зад промената.
Јавноста не примети ништо – и тоа е поентата?
За разлика од Jaguar, кој беше мета на критики поради видеа без автомобили, контроверзен избор на модели и дизајн што целосно ја занемари својата препознатливост Range Rover досега не предизвика таков бран на реакции. И причината е едноставна – јавноста едноставно не знае дека нешто се случува.
Нема кампања, нема објава на социјални мрежи, нема дури ни соопштение до јавноста. Оваа „тивка“ стратегија може да биде сметана за елегантна, но истовремено и како изгубена можност за создавање јасна нарација околу еден од најголемите брендови во SUV сегментот.
Останува прашањето: дали Range Rover ќе продолжи по чекорите на Jaguar и наскоро ќе добиеме визуелна кампања, модно видео без автомобили и нова генерација која повеќе ќе го гледа логото на Instagram отколку во реалност, или можеби ова е само почеток на нешто подлабоко – редефинирање на бренд што сака да изгледа како луксузна модна куќа, но сè уште не се изјаснил дали ќе остане автомобилска икона.