Од луксуз до конфузија: Дали Jaguar заборави дека продава автомобили?

Во светот на автомобилската индустрија, ретко кој потег предизвикува бура од реакции како последната маркетинг кампања на Jaguar.

jaguar-3577-fi

Извор: YouTube screenshot, Pixabay

Во обид да го осовремени имиџот и да се приближи до новата генерација, познатата компанија за луксузни автомобили Jaguar започна со радикален ребрендинг. Но наместо да ги воодушеви љубителите на автомобилите, новата кампања отвори лавина од реакции, од пофалби за креативност до обвинувања за изгубен идентитет.

Jaguar неодамна беше и мета на критики за промената на нивното лого, кое претставуваше еден од најсилните симболи на луксуз, елеганција и префинетост во автомобилската индустрија. Логото, кое беше во форма на скициран јагуар во скок, пренесуваше не само брзина и агилност, туку и „ловечки“ дух, односно автомобил кој се движи со неверојатна леснотија и енергичност.

Кампањата Copy Nothing, е новата глобална рекламна стратегија на Jaguar која не само што направи редизајн на логото и го смени фонтот во комбинација од големи и мали букви, туку и прикажа видео со модели во авангардна облека, разнолики по изглед и стил, но без автомобил. Кампањата се фокусира на стилот, идентитетот и различноста, но целосно го избегнува она што Jaguar го дефинираше со децении: луксуз, елеганција и перформанси на тркала.

Реакциите од јавноста не доцнеа

Иако видеото стана вирално и собра над 160 милиони прегледи на социјалните мрежи реакциите беа претежно негативни. Многумина тврдеа дека Jaguar го изгубил својот идентитет, а дел од јавноста отиде чекор понатаму со навредливи коментари кон моделите во рекламата – што доведе до осуда од самиот бренд.

Меѓу првите кои јавно упатија критики беше и извршниот директор на Tesla, Елон Маск кој на една од социјалните мрежи напиша саркастичен коментар: Дали вие продавате автомобили?

И покрај големото внимание, кампањата не успеа да допре ниту до верните фанови на Jaguar, ниту до помладата публика која била цел на рекламата што резултираше со пад на заработката од 398 милиони фунти според официјалниот извештај на Jaguar Land Rover.

jaguar-3577-ps1

Извор: Pixabay

Што понатаму?

Jaguar сега бара нова рекламна агенција која подобро ќе ја усогласи маркетинг стратегијата со новиот идентитет на брендот но останува прашањето:
Дали Jaguar се претвора во нешто што веќе не е Jaguar?
Ќе успее ли луксузната марка да го задржи кредибилитетот и да влезе во електричната ера со стил, или ќе стане уште еден пример за промашен маркетинг?

Извор: WebMind редакција

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.