Најновата реклама на Volvo, создадена од оскаровецот Хојте Ван Хојтема, е вистинско ремек-дело во раскажувањето приказни. Доколку мислевте дека што пократко, побрзо, посилно е рецептот за привлекување внимание, Volvo го докажа токму спротивното. Раскажа приказна во 3 минути и 46 секунди и покажа дека емоциите продаваат, а вниманието не е проблем кога приказната успева да нѐ наежи.
Впрочем што друго и да се очекува од маестрото кој се потпишува зад Опенхајмер и Интерстелар, во комбинација со шведскиот бренд кој не се плаши да излезе од рамките? Volvo се осмели да оди подлабоко, го отфрли стандардното покажување коњски сили и потрошувачка на гориво. Наместо тоа ни даде приказна, вистинска, силна, емотивна – приказна за тоа што значи да сакаш бескрајно, да зачекориш во непознатото и да го прифатиш хаотичното, но прекрасно патување на родителството.
Зошто оваа реклама е мастерклас за брендовите?
Приказната на прво место, производот на второ
Кога приказната е во фокусот, создава подлабока врска. Volvo ги искористи темите на семејството, безбедноста и иновациите за да изгради емоционална основа. Производот природно се вклопи во наративот, без да биде во прв план. Приказната е толку моќна, што дури и заборавивме дека станува збор за комерцијална содржина. Ова се случува кога брендот ѝ дава простор на приказната да блесне. Луѓето не се сеќаваат на секоја функција на производот – но секогаш ќе запомнат како сте ги натерале да се чувствуваат. Безбедноста во сообраќајот на сите ни е прво место, а токму тоа Volvo маестрално го изигра.
Ова не е обична автомобилска реклама. Нема блескави салони за автомобили, нема агресивна продажба. Наместо тоа, добивме тивка, емотивна, но моќна ода за семејството, безбедноста и животот што го градиме за нашите деца.
Слоганот на Volvo, „For Life“, никогаш не звучел пореално.
Како тазе мајка, потполно се пронајдов во приказната. Се пронајдов во погледот што кажува илјада зборови. Страв, надеж, одговорност – како да израснеш човек во овој непредвидлив свет?
Мамо, се плашам – вели идниот татко на својата мајка. Толку моќно, толку искрено.
Но, тогаш доаѓа утехата – љубовта и поддршката на семејството, потсетникот дека не мораме да минуваме низ сето тоа сами. „Ќе ти помогнеме во сè,“ вели неговата мајка – едноставно, но моќно ветување. А како гледач, тоа те потсетува на оние кои во моментов како родител ти се најголема поддршка. Баба и дедо.
Рекламата низ разговорот на синот со мајката ни прикажува низа моменти од животот на нивната ќерка: нејзините први чекори, првите разочарувања, победите, грешките. Најголемите животни авантури кои случуваат во најмалите моменти испреплетени со гласот на таткото: „Сакам да направам сè како што треба. Сакам да го запознаам светот со неа, но ќе бидам среќен и ако само седиме дома, не правејќи ништо, дозволувајќи ѝ да биде дете.“
И тогаш, во еден напнат, вознемирувачки момент, идната мајка се наоѓа на пешачки премин за влакно избегнувајќи удар од Volvo. И сега што?
Екранот потемнува со слоганот: „Понекогаш, најважни се моментите што никогаш не се случиле.“ И тука веќе солзите почнуваат да течат. Небаре сите стравови и се што останало неискажано се буди и излегува од нас како родители.
https://www.instagram.com/reel/C_f2Ecuol6t/?utm_source=ig_embed