Тие што вешто применуваат интеракција, персонализација и оптимизација преку модерните технологии можат да го забрзаат маркетиншкиот циклус, спојувајќи ги рекламирањето, ПР-от и продажбата во единствена и ефикасна целина што ќе донесе резултати кои ќе ги задоволат и вработените и работодавачите.
YouTube туторијалите, онлајн обуките и семинарите се некои од начините што можат да обезбедат дополнителна вредност. Според податоците на Евростат, младите генерации почнуваат да ја усвојуваат таа вредност уште од 13 години – возраста на најмладите корисници на социјалните мрежи во регионот.
Младите дигитални лидери, како погонско гориво на маркетинг службите на современите компании, користејќи вештачка интелигенција (ВИ) и аналитика за креирање на интерактивни кампањи, го менуваат целиот концепт на комуникација на кој почива традиционалниот пристап во маркетингот. Нивната способност да се прилагодат, разберат и да го одделат приватното од професионалното им помага да остварат покоректен однос со крајните потрошувачи и корисници.
Кога би морале денешната маркетинг култура да ја споредиме со нешто визуелно, тоа би била сложувалка во која секој дел мора да се вклопи, од креативните идеи до технологијата и аналитиката. Во таа сложувалка, ако само еден дел недостасува, целата кампања може да заврши како реклама што доживува дебакл на социјалните мрежи.
Извор: Pexels
Културата на дигиталниот маркетинг
Милка Негровиќ, извршна директорка на Homepage Creative Digital, смета дека денешната маркетинг култура може да се спореди со бродот на античкиот јунак Тезеј.
„Бродот со кој Тезеј се вратил од Крит, Атињаните го чувале многу долго, заменувајќи ги расипаните делови еден по еден со нови. Како што минувале годините, на крајот сите делови биле заменети и на бродот не останал ниту еден оригинален дел. Ако сите делови биле заменети, дали тоа бил сè уште истиот брод?“ се прашува Милка Негровиќ, додавајќи дека ова прашање се поставува од античко време, кога со него се занимавале филозофите, па сè до денес, кога бродот на Тезеј се користи како метафора во различни контексти.
„Би рекла дека е многу прикладно овој парадокс да го примениме и при разгледување на промените во маркетингот. Со текот на времето, она што некогаш го познававме како маркетинг се менуваше дел по дел, но тоа е сè уште маркетинг, сè уште е ’брод’. Така можеме да тврдиме дека сè се променило, а во суштина сè е исто како и порано,“ смета таа.
Негровиќ смета дека промената е константа во маркетингот, и дека оние делови кои престануваат да ја исполнуваат својата функција пропаѓаат и се заменуваат со нови, подобри делови: „Не смееме да заборавиме дека бродот (на Тезеј) треба да остане брод. Во спротивно, нема да ја исполнува својата цел. Маркетингот, и покрај сите промени, не смее да ја изгуби својата деловна функција. Деловите треба да се заменуваат со уште подобри и поквалитетни, а тие замени треба да ги изведат експерти.“
Извор: Freepik
Трендовите не треба да се прифаќаат здраво за готово
Негровиќ вели дека никогаш не сме имале повеќе можности за автентично претставување на нашите бизниси и себе преку различни канали, формати и технологии.
„Во трката по трендови и обиди да се удоволи на алгоритмите на платформите, повеќето брендови комуницираат еднообразно, и тие пораки се губат во сè подлабокото море на содржини. Оваа драгоцена можност да немаме речиси никакви граници за комуникација со публиката може да ја искористиме за таа комуникација навистина да биде квалитетна и да резултира со поврзување и лојалност на публиката. Принципот е ист како и во комуникацијата во секој друг однос – ако комуницираме јасно, искрено, слушаме активно и се прилагодуваме на потребите на публиката, односот меѓу брендот и публиката ќе биде здрав и траен,“ смета Милка Негровиќ.
Она што е клучно, според неа, е да не ги прифаќаме сите трендови и нови можности здраво за готово.
„Потребно е малку критичко размислување. Наредната година носи понатамошен развој на вештачката интелигенција, значењето на креаторите на содржини ќе биде уште поголемо, било да се инфлуенсери или обични корисници, а општествената одговорност на брендовите станува сè позначајна за публиката. Исто така, тука е и phygital, спој на физичкото и дигиталното искуство, што претставува фантастично и бескрајно креативно поле за маркетинг. Во пракса, често на сила го прилагодуваме брендот на трендот, ’слонче во лонче’ – и тоа не изгледа баш најдобро,“ смета таа.
Пристап кон маркетингот низ призмата на социјалните мрежи
Дејан Патаки, експерт за маркетинг и комуникации, смета дека во сферата на маркетингот, промените во контекст на социјалните мрежи се случуваат постојано.
„Промената се случи кога започна масовната употреба на социјалните мрежи, односно кога компаниите и брендовите го препознаа потенцијалот на овој канал за двонасочна комуникација. И сега сме сведоци на огромни промени, бидејќи присуството на вештачката интелигенција влијае на наративот и комуникацијата. Брендовите порано комуницираа преку своите маркетинг оддели или ангажирани агенции. Денес, со ВИ, машинското учење и чет-ботовите, тоа го извршува самиот бренд,“ објаснува експертот.
Запрашан дали е возможно да се замисли маркетинг кампања без комуникација на социјалните мрежи, Патаки вели дека присуството на сите социјални мрежи не треба да се сфати како императив.
„Ако купувачот се наоѓа на некоја од платформите на социјалните мрежи, тогаш во наш интерес е да му испратиме порака таму. Сепак, не е неопходно да се биде присутен на секоја социјална мрежа, а уште помалку е препорачливо истиот содржински материјал да се дистрибуира на сите платформи. Трендовите треба да се следат, но не по секоја цена да се прилагодуваме на актуелното. Сè поважно е да се остане свој, автентичен, доследен,“ вели тој.
Кога се зборува за дигиталната содржина, една од асоцијациите може да биде тимот на луѓе во рамките на компанијата кој се занимава со креирање содржина за социјалните мрежи. Патаки смета дека со употребата на голем број ВИ алатки, можно е цел еден сегмент целосно или до одреден степен да се замени.
„Незаменливи се оние членови на тимот (или помали тимови) кои размислуваат креативно и стратешки, ги познаваат алатките, трендовите и се способни да ги реализираат идеите. Аналогниот (офлајн) и дигиталниот (онлајн) свет се испреплетуваат – мислам дека границата е избришана, а со присуството на вештачката интелигенција сè станува уште покомплицирано. Кога така се поставуваат работите, тогаш терминот ’дигитален тим’ не е доволен,” смета тој.
Корелација на модерните технологии и емоциите
„На екранот на вашиот телефон се дистрибуира содржина, а алгоритамот интензивно и прецизно мери што го привлекува вашето внимание (на што реагираат вашите емоции) и го прилагодува прикажаниот содржински материјал. Вниманието денес е највредниот ресурс, и голем број технологии, особено овие за кои зборуваме, се борат за нашето внимание, токму поттикнувајќи ги нашите емоции,” објаснува Патаки.
Тој наведува дека ние сме современици на свет во кој повеќе луѓе умираат од болести предизвикани од прекумерна консумација на храна отколку од глад, но исто како, и од количеството информации и технологии кои играат на нашите примарни емоции и потреби. Тој додава дека голема вештина е да се направи добар и оптимален избор, за да останеме „здрави” и информирани.
Извор: Bizlife.rs