Од лого до легенда: Како живее, се трансформира и (понекогаш) се враќа назад

Кога започнува животот на едно лого? Дали во моментот кога ќе се роди компанијата, или можеби тогаш кога првпат ќе се нацрта идеја на салфетка за време на утринско кафе?

logo-3381-fi

Извор: Milos Gjuroski

Логото не е само графички елемент. Тоа е жив симбол на брендот – неговиот прв впечаток, неговата визуелна хронологија. И токму затоа, не постои лого што не минува низ трансформација. Кое не расте, се адаптира и понекогаш целосно се трансформира.

Од идеја до идентитет: Првиот здив на брендот

Секоја визуелна идентификација започнува со суштината на брендот – мисија, пазар, вредности. Дизајнерите најпрво ја „лоцираат душата“, а потоа ја претвораат во форма, боја, симбол и фонт. Типографијата не е само естетика – таа зборува. Serif фонтовите навестуваат традиција, sans-serif – едноставност и модерност. Понекогаш, токму типографијата е самото лого.што е легитимен и во многу наврати добар пристап, а може да биде многу успешно, диури и безвременски.

Симболите и метафорите се тука да ја раскажат приказната. Како стрелката во логото на Amazon – дискретна, а моќна порака: од „А“ до „Ш“ (или Z),  нуди сè.

Логото како жив организам: Што значи животен циклус?

Во свет на континуирани промени, логото не е исклучок. Терминот животен циклус на логото добива се поголемо значење во брендирањето. За разлика од класичниот животен циклус на производ, логото поминува низ фази:

  1. Создавање и основање – дефинирање на идентитетот, боите, типографијата и насоките.  Во идеален случај, брендирањето и логото работат заедно – како двонасочна улица. Во голем број случаи за жал се креира знак, му се лепи типографија од името, се прогласува за лого… Се останато е стихијно.
  2. Проширување и адаптација – нови пазари, нови медиуми, социјални мрежи, апликации. Логото се адаптира – се создаваат вертикални и хоризонтални верзии, монохроматски варијанти, фавикони, анимации и адаптации за социјални медиуми.
  3. Визуелна трансформација – освежување, модернизација, но со задржан идентитет. Ова се прави кога брендот сака да остане релевантен, но да не ја изгуби довербата. Оваа фаза според мене е најтешка, затоа што треба да се справи со бремето на наследство и иднината и да извади максимум од овие два фактори што е особено комплексно.
  4. Целосно ребрендирање – ново лого, нова насока, нова приказна.  Во овој случај, логото целосно се редизајнира. Најчесто, тоа се случува кога старата визуелна идентификација веќе не е во синхронизација со суштината на брендот.
  5. Рециклирање и “rollback” – враќање на старото лого поради емоционална или бизнис вредност. Некои брендови ја користат носталгијата како алатка – го враќаат старото лого во нова кампања или му даваат втор живот како sub-brand. Во ретки случаи, старото лого се враќа како основа за новата иднина.

Зошто логото не е само симбол?

Во дигитална ера, логото е првиот визуелен контакт меѓу брендот и корисникот. Без него – брендот е како глас без лице. Логото гради доверба, препознатливост, доследност. И, најважно – создава врска со публиката.

Без разлика дали станува збор за стартап, културна институција или личен бренд – логото ја носи тежината на идентитетот.

Логото е приказна што никогаш не завршува

Логото не е финален производ. Тоа е патување што постојано се надградува, адаптира и комуницира нови вредности. Со секој редизајн, адаптација или реинкарнација, логото ја раскажува еволуцијата на брендот. И најмоќните логоа се токму оние што знаат кога да се променат – и кога да останат исти.

Креативен и бизнис-ориентиран визуелен и продукт-дизајнер со страст за создавање иновативни решенија. Ужива во развој на концепти кои балансираат помеѓу естетска привлечност и практична употребливост за непречено корисничко искуство.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.