Познато е дека и Google и Meta вложуваат многу во генерирање на фотографии и видеа, затоа што знаат дека првите големи корисници на овие алатки на нивните платформи ќе бидат огласувачите. Благодарение на ВИ напредните алатки на овие платформи, тие можат да таргетираат специфични демографски групи и да создадат персонализирани рекламни пораки кои се оптимизирани за максимален ефект.
Но, Марк Закерберг сака Meta да оди чекор понатаму. Како што пренесува The Verge, идејата е малите бизниси само да кажат „сакам клиенти за мојот производ“ и Meta да го направи останатото.
„Ќе стигнеме до точка каде што Вие како бизниси доаѓате кај нас, ни ја кажувате целта, ја поврзувате вашата банкарска сметка, и нема да ви треба никаква креатива, никаква таргетирана демографија, никакво мерење, освен да си ги прочитате резултатите кои ќе ги испишеме. Мислам дека ова ќе биде огромно, мислам дека тоа ќе биде редефинирање на категоријата рекламирање“, вели Закерберг.
Идејата е, со ВИ од коцепт до продажба
Со ВИ напредните алатки Meta ќе може да генерира фотографии и видеа за производите, да пишува рекламни текстови и да ги комбинира во бесконечен број на огласи таргетирајќи најширока публика; да мери која реклама дава најдобри резултати, да ја повторува со помош на вештачка интелигенција, и потоа да ги натера клиентите да го купат производот преку платформата.
Новите ВИ алатки не само што помагаат во рекламирањето, туку и ќе овозможуваат автоматско генерирање на креативни материјали, што значи дека малите бизниси можат да создадат бесконечен број на реклами без потреба од големи ресурси, целосно задржувајќи ја контролата над својата маркетинг стратегија.
Што велат на ова од индустријата?
Сепак, оваа промена во динамиката на рекламирањето на Meta носи и нови предизвици и прашања, кои се рефлектираат во самата индустрија. Дали ова ќе биде фундаментално непријателски настроено кон светот на големите брендови и големите маркетинг агенции, кои изградиле сложени системи за да ја проверуваат ефикасноста на резултатите што им ги обезбедуваат платформите?
„Безбедноста на брендот останува да биде важно прашање, па дозволувањето на платформите да создаваат и да оптимизираат креативни материјали е застрашувачка концепција“, вели еден извршен директор на голема маркетинг агенција, но тоа не е главната грижа во целата приказна, туку ветувањето за „само прочитајте ги резултатите кои ги испишуваме“. Нема клиенти кои ќе им веруваат на испишаните резултати, бидејќи всушност Meta на тој начин си ја проверува својата домашна задача.
И други маркетинг професионалци и директори од индустријата го делат ова мислење, критикувајќи го супериорниот став на Meta и Марк Закерберг во однос на иднината на огласувањето на овие платформи.
Но, едно е сигурно: ВИ алатките ќе продолжат да се унапредуваат и да донесуваат промени во светот на рекламирањето, во кој се повеќе ќе гледаме реклами генерирани од вештачка интелигенција.
Извор: web-mind.rs