Heineken, пивскиот бренд познат по своите иновативни маркетиншки стратегии, овој пат ги изненади своите фанови со уникатна кампања за „осигурување на пиво” наречена HeineCare. Кампањата е лансирана во Велика Британија и трае за време на актуелното Европското фудбалско првенство 2024 година.
Го знаете чувството кога во жарот на реакцијата на негодување и разочараност поради автоголот на Калафиори против Шпанија ќе замавнете со раката и не сакајќи ќе ви отиде пивото о неповрат? Е па HeineCare им овозможува на фудбалските навивачи кои гледаат натпревари во одредени пабови да добијат ново пиво бесплатно за да не бидат двојно разочарани и од својата селекција и од фактот дека останале без пијалак, а само што им ја донеле ладната кригла.
Фановите треба да скенираат QR код на посебни подлоги за пиво од Heineken, па потоа да внесат некои лични информации на веб-страницата на HeineCare за да добијат ваучер кој може да го заменат кај барменот за бесплатно Heineken или Heineken 0.0. Оваа кампања вклучува и дистрибуција на “Pint-chos”, специјално дизајнирана облека за заштита од пролевање пиво, која навивачите можат да ја добијат бесплатно во пабови кои се дел од кампањата или преку социјалните медиуми.
Извор: Publicis London
Кампањата HeineCare не само што промовира уживање во пивото и фудбалот без грижи, туку и го продлабочува односот меѓу брендот и неговите потрошувачи, претставувајќи Heineken како иноватор во индустријата кој секогаш мисли на своите фанови.
Кампањата е дело на креативната агенција Publicis London.