Каде најмногу се работи од дома во Европа?

Можноста за работа од дома значително се разликува низ Европа, а на овие разлики влијаат и културолошки и економски фактори. Според најновите податоци, Обединетото Кралство има највисока стапка на работа од дома меѓу 18 европски земји, вработените таму во просек работат од дома дури 1,8 дена неделно. На глобално ниво, оваа бројка ја позиционира Велика Британија на второто место од 40 земји.

rabota-3827-fi

Извор: freepik

Кои други земји предничат во Европа?

Веднаш зад Британците се Финска со 1,7 дена и Германија со 1,6 дена работа од дома неделно. Португалија бележи просек од 1,5 ден, додека Унгарија и Холандија имаат по 1,4 дена.
Вработените во Чешка, Италија и Шведска работат од дома по 1,3 дена неделно – нешто над глобалниот просек од 1,2 дена. Романија, Шпанија и Австрија се на самото ниво на глобалниот просек, додека Франција – иако една од најголемите европски економии – има една од најниските стапки: точно 1 ден неделно.

А каде најмалку се работи од дома?

Грција се наоѓа на дното во Европа со просечно само 0,6 дена работа од дома неделно. Главните причини се структурата на економијата, силната зависност од туризмот, трговијата и угостителството, но и подлабоки културолошки и институционални фактори.
Според д-р Џеват Ѓирај Аксој, главен економист на Европската банка за обнова и развој (EBRD) и професор на King’s College во Лондон:

„Грција има ниска стапка на индивидуализам, а дигиталната трансформација и менаџерските практики беа недоволно развиени пред пандемијата, што го забави преминот кон далечинска работа.“

rabota-3827-ps1

Извор: freepik

Зошто Британците се на врвот?

Аксој објаснува дека културолошкиот индивидуализам е клучен фактор:

„Британците се посклони кон автономен начин на работа, што го олеснува преминот кон работа од дома.“
Дополнително, долгите и строги карантини ја забрзаа прифатеноста на флексибилните работни модели, а британската економија, заснована на услужниот сектор (финансии, медиуми, консалтинг), нуди повеќе можности за таква работа.

„Работниците во Велика Британија денес очекуваат 2–3 дена работа од дома неделно. Тоа веќе не е привилегија, туку стандард“, предупредува Аксој, додавајќи дека компаниите кои го игнорираат ова ризикуваат да изгубат таленти, особено во конкуренција со други земји од англиското говорно подрачје.

Иако Финска бележи високо ниво на работа од дома, Норвешка и Данска се значително подолу со само 0,9 дена неделно. Шведска е во златната средина со 1,3 дена. Причината лежи во различните културолошки и менаџерски пристапи, Финска, на пример, има долга традиција на промовирање рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, како и поголема автономија на работното место.

Просечниот број денови работа од дома на глобално ниво опаднал од 1,6 дена неделно во 2022 година на 1,33 дена во 2023. Во 2024 и 2025, бројката благо опаднала на 1,27 дена неделно.

„Оваа стабилност не значи дека работите повеќе не се менуваат“, заклучува Аксој.
„Мали промени се сè уште можни, особено со напредокот на технологијата, промените во демографијата и условите на пазарот на труд.“

Извор – bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.