Модниот гигант H&M планира да користи ВИ клонови на своите модели

Модниот гигант H&M планира оваа гоодина да создаде дигитални клонови на своите модели, што дополнително ќе ја продлабочи дебатата за потенцијалот на вештачката интелигенција (ВИ) и нејзиното влијание врз работниците во модната индустрија.

H&M-3234-fi

Извор: Unsplash

H&M, еден од најголемите светски продавачи на облека, потврди за CNN дека годинава планира да создаде 30 „дигитални близнаци“ од своите модели, иако сé уште „истражува“ како овие аватари ќе се користат. Компанијата додаде дека соработува со други индустриски засегнати страни, вклучувајќи ги агенциите и самите модели, за да ја спроведе оваа иницијатива „на одговорен начин“.

Моделите ќе имаат сопственички права врз нивните дигитални близнаци

Моделите ќе имаат сопственички права врз нивните дигитални близнаци и ќе можат „потенцијално да работат за кој било бренд и да бидат платени за секоја кампања, исто како и со традиционалните ангажмани“, соопшти H&M, пренесува CNN.

Иако овој план за исплата на моделите за користење на нивниот дигитален лик беше поздравен од Пол В. Флеминг, генералниот секретар на британскиот синдикат за изведувачки уметности и забава Equity, тој за Си-Ен-Ен изјави дека таквата практика мора да биде „поддржана со широка примена на заштита од ВИ технологиите во синдикалните договори и законодавството што ги штити правата на работниците“ – кои, вели тој, во моментов се многу малку.

„Трката за ‘иновации’ во вештачката интелигенција не смее истовремено да биде трка кон дното за максимизирање на профитот. ВИ не би била можна без човечката креативност и работа, а луѓето мора да останат во центарот на креативниот процес“, додаде Флеминг.

Оваа објава на H&M веќе предизвика негодување во модната индустрија, каде што многу работни позиции се веќе несигурни. Сара Зиф, поранешна манекенка и активистка за работнички права која ја основаше непрофитната њујоршка Model Alliance, изрази „сериозна загриженост за употребата на дигитални реплики без соодветна заштита“.

„Во индустрија која е историски занемарена кога станува збор за правата на работниците, новата иницијатива на H&M покренува суштински прашања за согласноста и исплатата, но исто така создава ризик од замена на цела група модни работници, вклучително и шминкери, фризерки и други креативци во нашата заедница“, рече Зиф во соопштението од Model Alliance.

H&M не е првиот бренд што ја истражува оваа технологија. Производителот на фармерки Levi Strauss & Co. во март 2023 година објави дека ќе користи модели генерирани од вештачка интелигенција за да го „дополни“ ангажманот на човечки модели. По острите критики, компанијата подоцна појасни дека „не се откажува од плановите да снима со вистински модели“.

Во јули минатата година, шпанскиот бренд Mango започна маркетиншка кампања создадена целосно со користење на ВИ технологија за да ја промовира својата колекција за млади.

Во меѓувреме, инфлуенсерите и моделите генерирани од вештачката интелигенција стануваат сé поприсутни – минатата година дури се одржа и првиот натпревар за убавина во светот со вештачка интелигенција.

Извор: Web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.