Нова ВИ архитектура на моделите Llama 4
Llama 4 Scout е најмалиот модел, оптимизиран за ефикасна работа дури и со ограничени ресурси, дизајниран да работи на еден графички процесор, и со контекстуален прозор од 10 милиони токени. Наспроти него, Llama 4 Maverick користи помоќна архитектура со дури 128 експерти и 400 милијарди параметри, од кои 17 милијарди се активни во секој момент. Најголемиот модел, Llama 4 Behemoth, сè уште е во фаза на обучување и се очекува да достигне нови височини во обработката на научни и технички податоци.
Новата архитектура им овозможува на моделите поефикасно распределување на ресурсите, активирајќи ги само релевантните делови при обработка на секој барање, што пак носи подобри перформанси и помала потрошувачка на енергија. Покрај напредокот во јазичното разбирање, серијата Llama 4 носи и целосно развиени мултимодални способности, што значи дека моделите можат истовремено да анализираат и комбинираат текст, слики, видео и звук, овозможувајќи пософистицирано корисничко искуство.
Meta истакнува дека моделите биле обучени на големи групи неозначени податоци, вклучувајќи текст, слики и видео материјал, со што се постигнува поширока применливост и подобра способност за генерализација. Моделите Scout и Maverick се веќе достапни за користење, додека Behemoth сè уште се „тренира“ за најсложените задачи.
Meta AI, виртуелниот асистент кој е интегриран во апликации како Instagram, Messenger и WhatsApp, веќе е ажуриран со моделот Llama 4 во 40 земји. Оваа верзија е значително унапредена во способноста за одговарање на посложени и општествено чувствителни прашања, при што Meta истакнува дека новите модели се помалку склони да одбиваат одговори на контроверзни теми. Поточно, моделите се дизајнирани да даваат поурамнотежени одговори, задржувајќи професионален и неутрален тон.
И покрај напредокот и достапноста, на корисниците и компаниите од Европската унија им е забрането да користат или дистрибуираат Llama 4 модели. Оваа одлука е последица на построгите закони за заштита на податоци во ЕУ и моменталната неусогласеност со регулативата.
Исто така, како и кај претходните верзии, компаниите кои имаат повеќе од 700 милиони активни корисници месечно мора да побараат посебна лиценца за користење на моделите Llama 4, при што Meta носи одлука за секој поединечен случај.
Новата генерација на Llama моделите не претставува само технолошки напредок, тие ги отвораат вратите за развој на персонализирани, ефикасни и интелигентни дигитални асистенти, деловни алатки и креативни решенија. Со овој потег, Meta се позиционира како еден од клучните играчи во полето на отворената вештачка интелигенција.
Извор: web-mind.rs