Како AI и ботовите го претворија Мајк Смит во музички милионер

Мајк Смит, човек кој некогаш водел медицинска клиника во Северна Каролина, се најде во центарот на еден од најголемите случаи на измама со стриминг во американската музичка индустрија.

ai-3655-fi

Извор: Unsplash

Според обвинението на ФБИ, во периодот од 2017 до 2024 година, Смит креирал сложен систем во кој илјадници песни генерирани со вештачка интелигенција, објавувани под лажни уметнички имиња, биле доведени до милионски пуштања со помош на ботови на платформи како Spotify, Apple Music и YouTube. Федералните обвинители тврдат дека на овој начин остварил над една милијарда лажни стримови и заработил повеќе од 10 милиони долари од авторски надоместоци.

Смит, кој се изјасни дека не е виновен, е познат по претходните обиди да остави трага во музичката индустрија, вложувал во издавачката куќа SMH Records, продуцирал песни со познати музичари како Снуп Дог и учествувал како судија во музички емисии како BET-овата „One Shot“ заедно со DJ Khaled и T.I. Сепак, зад блескавата фасада се крие далеку помрачна приказна.

Еден од клучните моменти во оваа приказна билo излегувањето на џез албумот од 2018 година, кој Смит го работел заедно со својот соработник Џонатан Хеј. Албумот накратко се нашол на првото место на Билборд листата, но не оставил никаков отпечаток во јавноста, немало публика, коментари ниту медиумско внимание. Хеј почнал да го преиспитува „успехот“, забележувајќи чудни обрасци на слушање во места како Виетнам, по што следеле предупредувања од дистрибутерите за можна измама. Додека Смит тврдел дека станува збор за административна грешка, Хеј не бил убеден. Подоцна почнал да укажува на нерегуларности и токму тоа ја поттикнало посериозната истрага.

Според наводите во обвинението, Смит во шемата вклучил и соработник од еден стартап, кој му испорачувал илјадници песни генерирани со помош на вештачка интелигенција. Смит ги објавувал тие нумери под необични псевдоними како „Calm Knuckles“ и „Calorie Event“, а потоа купувал софтвер за ботови и креирал мрежа на сметки за автоматско пуштање. Повеќе стримови значеле повеќе пари, а целиот систем функционирал непречено со години.

Стручњаците предупредуваат дека ова не е изолиран случај: се проценува дека од 10 до 25 проценти од сите стримови на музичките платформи може да бидат лажни, што значи дека милијарди долари се одлеваат од вистинските уметници. Иако платформи како Spotify тврдат дека развиваат алатки за борба против измами со стриминг, фактот што за откривање на еден човек беа потребни седум години и федерална истрага ја доведува во прашање ефикасноста на тие мерки.

Смит не ги измислил правилата на дигиталниот музички пазар тој едноставно ги разбрал подобро од многумина во индустријата. Некои го гледаат како провокативна фигура која ја искористила технологијата за да го надмудри системот, додека други го сметаат за обичен измамник. Но едно е јасно: сè додека успехот се мери само во бројки и додека вештачката интелигенција може да создава бесконечни количини „содржина“, ваквите модели ќе продолжат да никнуваат.

Судењето на Мајк Смит се приближува, а му се заканува казна до 60 години затвор. Но, поголемото прашање останува отворено: дали музичката индустрија ќе успее да се заштити од следната генерација дигитални измамници? Зашто, следниот „Мајк Смит“ можеби веќе работи и знае дека не мора да ги крши правилата. Доволно е само да ги користи во своја корист.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.