Тед Сарандос, еден од извршните директори на Нетфликс, изјави дека аргентинската научнофантастична серија Eternaut (El Eternauta) е првата продукција на компанијата во која се користени снимки создадени со помош на генеративна вештачка интелигенција.
„Сѐ уште веруваме дека вештачката интелигенција претставува неверојатна можност за авторите да создадат подобри филмови и серии – не само поевтини“, изјави Сарандос пред аналитичарите по објавата на финансиските резултати за вториот квартал.
Според него, во серијата која го следи преживувањето на ликовите за време на брзи и разорни токсични снежни врнежи, учествувале Нетфликс и уметници за визуелни ефекти (VFX) кои користеле вештачка интелигенција за да прикажат рушење на зграда во Буенос Аирес.
„Со користење на алатки базирани на вештачка интелигенција, успеаа да постигнат неверојатен резултат за исклучително кратко време – таа сцена со визуелни ефекти беше завршена 10 пати побрзо отколку со традиционални VFX-алатки и процеси“, нагласи Сарандос.
Исто така, според него, употребата на вештачка интелигенција ѝ овозможила на компанијата да ја финансира серијата по многу пониска цена од типичните трошоци за високобуџетна продукција.
„Трошоците за специјалните ефекти без користење на вештачка интелигенција едноставно не би биле одржливи за серија со таков буџет“, додаде Сарандос.
Стравови во индустријата за забава
Употребата на генеративна вештачка интелигенција во забавната индустрија предизвика страв од намалување на работните места, особено во областа на продукцијата и специјалните ефекти.
Во 2023 година, вештачката интелигенција беше една од клучните причини за штрајковите на холивудските актери и сценаристи, кои по постигнатите договори обезбедија новата технологија да остане под контрола на работниците, наместо да се користи како замена за нив.
Како што беше објавено, во вториот квартал годинава Нетфликс оствари приходи од 11 милијарди долари, што е зголемување од 16% во споредба со истиот период лани.
Извор: bizlife.rs