Google пребарувањето еволуира: Звучни AI одговори пристигнуваат преку Audio Overviews

Google започна да експериментира со функцијата „Аудио прегледи“ (Audio Overviews) за одредени пребарувања, објави компанијата во петокот. Оваа функција првпат беше претставена во NotebookLM – алатка на Google заснована на вештачка интелигенција, наменета за белешки и истражување.

google-3766-fi

Илустрација: DALL-E3

„Аудио прегледот може да ви помогне да добиете основен увид во одредена тема, нудејќи практичен начин за слушање информации без употреба на раце – без разлика дали правите повеќе работи истовремено или едноставно преферирате аудио формат“, објаснува Google на својот блог, пренесува TechCrunch.

Функцијата од денес е достапна преку Labs – експерименталната програма на Google. Корисниците ќе имаат можност да генерираат краток аудио преглед, но само кога Google ќе процени дека тој би бил корисен за конкретното пребарување. Кога ќе се појави, аудио плеерот е едноставен, со команди за пуштање/паузирање, контрола на јачина и можност за менување на брзината на репродукција.

Во рамките на самиот плеер ќе има и линкови до изворите на информациите. Ако сакате да дознаете повеќе по слушањето, можете лесно да кликнете и да истражите подетално.

Секој аудио преглед може да се оцени со палец нагоре или надолу, а корисниците можат да го оценат и целиот експеримент преку Labs.

Во алатката NotebookLM, аудио прегледите овозможуваат креирање на персонализирани подкасти со помош на AI водител, користејќи документи што самите корисници ги прикачиле – како училишни материјали или правни документи. Оваа функција беше воведена и во Gemini уште во март.

Аудио прегледите во Google Search се продолжение на функцијата AI Overviews – кратки автоматски генерирани прегледи на информации за определени пребарувања. Со оваа нова можност, Google им излегува во пресрет на луѓето кои полесно учат преку слушање, како и на оние што имаат потреба од подостапни формати на содржина.

Важно е да се напомене дека оваа најава доаѓа само неколку дена откако Wall Street Journal објави дека AI функциите, вклучувајќи ги и прегледите, го намалуваат интернет-сообраќајот кон новинарските портали и медиумски веб-страници.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.