Според истражување од 2025 година објавено во The American Journal of Preventive Medicine, согорувањето годишно ги чини американските компании од 4.000 до 21.000 долари по вработен, или до 5 милиони долари годишно за компанија со 1.000 вработени, пишува CNBC.
AI како спас за менталното здравје?
Сè повеќе компании се свртуваат кон алатки со вештачка интелигенција, како што се ChatGPT или Copilot, со цел да се автоматизираат рутински задачи, да се сумираат информации, создава содржина и олесни водењето на проекти. Глобално истражување спроведено од Универзитетот во Мелбурн и KPMG на повеќе од 32.000 вработени од 47 земји покажува дека 58% од вработените свесно користат AI на работа, а една третина тоа го прави на дневно или неделно ниво.
И покрај ова, вработените сè уште трошат во просек 2,6 часа дневно, односно една третина од работната недела на задачи кои потенцијално би можеле да бидат автоматизирани со AI, според истражување на GoTo и Workplace Intelligence.
Но, податоците од февруари 2025 година (на примерок од 200 ИТ професионалци) покажуваат и позитивна страна: компаниите кои користат AI бележат намалување на емоционалната исцрпеност за 25%. Преку анализа на фактори како прекувремена работа и низок ангажман, AI системите успеале да идентификуваат 30% од вработените во ризик од согорување, што овозможило навремена интервенција и поддршка.
Другата страна на медалот
Но, експертите предупредуваат дека вештачката интелигенција може да го засили притисокот наместо да го намали. Истражувањето на Quantum Workplace, спроведено врз повеќе од 700.000 лица, покажува дека 45% од американските работници кои редовно користат AI пријавуваат висок степен на burnout. За споредба, тој процент е 38% кај оние што ја користат повремено и 35% кај оние што воопшто не ја користат.
„AI е моќна алатка, но може да доведе до т.н. ‘продуктивен замор’ луѓето стануваат побрзи и поефикасни, но затоа им се доделува уште повеќе работа“, вели д-р Џена Гловер од Headspace. Лидерската стратег Каролин Стоукс додава дека цело работно време поминато со AI алатки може да биде ментално исцрпувачко како девет часа во теретана, нагласувајќи ја важноста на паузите и менталната регенерација.
Дополнително, непознавањето на AI алатките и ниската дигитална писменост создаваат дополнителен стрес. Ако компаниите користат AI само за кратење на работната сила, ризикуваат уште повеќе да го продлабочат проблемот со согорувањето.
Што следува?
AI дефинитивно може да биде дел од решението за менталниот товар на модерната работна сила, но само доколку се користи паметно, со јасна стратегија, човечка етика и со поддршка за менталното здравје на вработените. Во спротивно, ризикуваме дигиталните алатки да станат новиот извор на исцрпеност, наместо спас од неа.
Извор – bizlife.rs