Новата филмска адаптација на романот „Оркански висови“, во режија на Емералд Фенел, пристигна во кината, а интересот на публиката е огромен. Во оваа страсна романса, Марго Роби и Џејкоб Елорди ги толкуваат трагичните љубовници Кетрин и Хитклиф, а филмот веќе важи за едно од најкоментираните и најполаризирачките остварувања во 2026 година. Режисерката на филмовите Promising Young Woman и Saltburn ја носи својата сензуална визија на готскиот класик на Емили Бронте од 1847 година.
Публиката или ќе го мрази или ќе го направи дел од својот идентитет во наредните месеци, а за оние кои веќе се наклонети кон оваа втора опција, стигнуваат добри вести, пренесува Euronews.
Благодарение на соработката на Warner Bros. Pictures и Airbnb, обожавателите ќе можат уште подлабоко да се внесат во светот на „Оркански висови“ преку престој во спалната соба на Кетрин во Трушкрос Грејнџ, уредена точно онака како што изгледа во новиот филм.
Сместена во срцето на регионот на Бронте во Западен Јоркшир, целосно розовата соба ќе биде достапна за три одделни ноќевања, а гостите ќе добијат внимателно осмислена програма исполнета со активности инспирирани од делото на Емили Бронте. Во понудата се јавање коњи по мочуриштата, традиционален попладневен чај во Јоркшир во реинтерпретираната трпезарија на Трушкрос Грејнџ, посета на парохиската куќа на Бронте, интимна вечера на свеќи, слушање на саундтракот на филмот „Оркански висови“ во изведба на Чарли XCX и, секако, изобилство на романтичен копнеж во самата спална соба.
Најдобриот дел? Искуството е целосно бесплатно.
„Оркански висови кои Емералд Фенел ги пренесе на филмското платно настанаа од нејзината силна имагинација, не само кога станува збор за страсната романса на Кети и Хитклиф, туку и за дивиот пејзаж на мочуриштата кои ги опкружувале во Јоркшир на Емили Бронте“, изјавила Дејна Насбаум, копретседателка на глобалниот маркетинг на филмскиот оддел на Warner Bros Pictures.
„Исклучително сме возбудени што тоа уникатно искуство ќе го споделиме со публиката, но и што, во соработка со Airbnb, ќе им овозможиме на вистинските романтичари и љубители на патувањата да го доживеат од прва рака.“
Оваа соработка доаѓа во момент кога новиот филм предизвикува нагло раст на интересот за романтични патувања во Западен Јоркшир по повод Денот на вљубените, дури за 67% меѓу припадниците на генерацијата З во Велика Британија и 59% на глобално ниво.
Спалната соба на Кетрин ќе биде достапна за резервации од петок, 27 февруари, до среда, 4 март, и тоа целосно бесплатно, ексклузивно преку Airbnb. Барањата за резервација можат да се поднесуваат од 20 февруари, а престоите се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Да ја парафразираме Емили Бронте: „Морам да се потсетам да дишам речиси исто толку колку и да го потсетам своето срце да… побрза и да резервира романтичен престој во спалната соба на Кети.“
Извор: bizlife.rs