Најчести причини за болка при интимен однос и како да ја решите

Понекогаш болката за време на интимен однос е минлива и лесно се решава. Но ако се повторува повеќе пати по ред, тоа може да биде знак дека постои проблем што треба да се провери. Обидете се да забележите кога точно се јавува болката: дали е поврзана со одредена положба, дали сте доволно опуштени и подготвени, дали имате симптоми што личат на инфекција и во кој дел од циклусот сте.

intimen-odnos-5380-fi

Извор: Freepik

Овие информации му помагаат на гинекологот полесно да ја утврди причината.

Недоволна влажност

Кога телото не е доволно влажно, интимниот однос може да биде непријатен, па и болен, дури и ако постои желба. Во вакви ситуации помага да си дадете повеќе време за предигра и подготовка. Ако е потребно, сосема е во ред да користите лубрикант на водена база, особено ако користите презерватив.

Производи за интимна нега што иритираат

Креми, средства за испирање и парфимирани сапуни можат да ја иритираат чувствителната кожа и слузницата, па да предизвикаат печење и болка. Ако забележите иритација по користење нов производ, најдобро е веднаш да прекинете со употреба и да побарате совет од лекар.

Инфекции

Габичните и уринарните инфекции се чест причинител на болка при интимен однос, а симптомите понекогаш се влошуваат токму тогаш. Најсигурно е да направите преглед и да ја следите терапијата. Вообичаено се препорачува пауза од интимни односи додека трае лекувањето, а ако болката не поминува, потребна е повторна контрола.

Запек и надуеност

Надуеноста и запекот можат привремено да создадат притисок и болка во карлицата за време на интимен однос. Ако ова се случува често, важно е да се провери што ја предизвикува состојбата.

intimen-odnos-5380-ps1

Извор: Freepik

Преосетливост на вагиналниот отвор

Кога болката е постојана и најсилна на влезот на вагината, можно е да станува збор за состојба како вестибулодинија, при која болка може да се јави и при најмал допир. Во овој случај е потребна лекарска проценка и соодветен третман.

Реакција на контрацептивни апчиња

Кај мал дел од жените, контрацептивните апчиња можат да предизвикаат промени во интимната регија и болка, а понекогаш и да ја направат пенетрацијата многу тешка или невозможна. Решението најчесто е промена или прекин на терапијата, но секогаш по совет од лекар. Во некои случаи може да биде потребен и дополнителен третман.

Затегнати мускули и напнатост

Кога мускулите на карличното дно се затегнати или „во грч“, пенетрацијата може да стане многу болна. Ова може да биде поврзано со стрес, други здравствени состојби или мускулен дисбаланс во телото. Често помага физиотерапија за карлично дно, која работи на опуштање и правилна функција на овие мускули.

Вежбање и мускулен дисбаланс

Неправилно вежбање или преоптоварување, особено во пределот на стомачните мускули, трупот и колковите, може да се одрази како болка во карлицата и непријатност при интимен однос. Физиотерапевт може да помогне да се открие изворот на проблемот и да се коригира.

Кога да побарате помош

Ако болката е упорна, ако има крварење по интимен однос или ако едноставно чувствувате дека нешто „не е во ред“, не се навикнувајте на тоа. Побарајте преглед, а ако не добивате јасни одговори, слободно побарајте и второ мислење. Вашето тело ви праќа сигнал важно е да го слушнете и да добиете соодветна поддршка.

Извор: wannabemagazine.com

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.