Дата-центри на перифериите од градовите
Поголемиот дел од тие пари одат за изградба и опремување огромни AI кампови во САД, Кина и Европа. Најчесто се градат на перифериите на градови со околу еден милион жители, каде што постои некаква инфраструктура, но мрежата веќе работи близу максимум. Операторите бараат нови далеководи, трафостаници и специјални режими на напојување, затоа што во спротивно ризикуваат загушувања и хаварии. За локалните заедници тоа носи инвестиции и работни места, но и страв од можни прекини на струја и „изедени“ капацитети кои би ги користеле домаќинствата и малите бизниси.
Истовремено, дата-центрите стануваат полигон за енергетска транзиција. Сè поголем број проекти се врзуваат за соларни паркови и ветерни електрани, а покрај нив се градат и системи за складирање енергија. Причината е едноставна: долгорочните договори за испорака на „зелена“ струја обезбедуваат стабилна цена и енергетска сигурност, додека на компаниите им помагаат да покажат помал јаглероден отпечаток. За инвеститорите тоа е начин да спојат две приказни – брзорастечката побарувачка за AI услуги и притисокот да се забрза преминот кон обновливи извори, наведува порталот TechCrunch.
Дали плановите се реални?
Во тој бран на размислување се појавуваат и нови бизнис-модели: од компании што развиваат микро-мрежи базирани на батерии од електрични возила, до проекти во кои дата-центарот ја презема улогата на „флексибилен потрошувач“ што го зголемува или намалува своето работење во зависност од оптоварувањето на мрежата. Идејата е скапата инфраструктура да се поврзе со што попаметно управување со енергијата, наместо да стане уште еден голем и крут потрошувач.
Сепак, зад импресивните бројки остануваат неколку клучни прашања. Прво – колку се реални плановите, со оглед на ограничените капацитети на електромрежите и градежната индустрија. Второ – кој долгорочно ќе ја плати сметката: глобалните технолошки гиганти сами, или ќе се потпираат сè повеќе на државни субвенции и даночни олеснувања. И трето, можеби најважно: колкав дел од идните дата-центри навистина ќе се напојува од сонце и ветер, а колкав и понатаму ќе зависи од јаглен и гас. Од одговорите зависи дали AI бумот ќе ја забрза енергетската транзиција – или дополнително ќе ја закомплицира.