Социјалните медиуми ги користат нашите објави за обука на ВИ

OpenAI неодамна изјави дека за креирањето на ChatGPT користеле содржини заштитени со авторски права. LinkedIn ги користи професионалните биографии на своите корисници за да го подобри својот модел на вештачка интелигенција (ВИ), а на Snapchat доколку користите некоја одредена функција со ВИ, вашето лице може да биде искористено во реклама.

socijalni-med-2165-fi

Извор: Pexels

Сите објави со информации и фотографии што ги споделуваме на социјалните медиуми сè повеќе се користат од големите компании за обука на своите системи за ВИ, бидејќи тие нудат вредни податоци, како што е жаргонот кој може да биде корисен за алатките и вестите кои често служат како извор на настани во реално време.

Сепак, на многумина корисници не им се допаѓа идејата сопствените фотографии од одмор или селфиња да се користат за развој на технологијата, која носи заработка за компании вредна милијарди долари.

„Во моментот постои голем страв од ВИ. Некои од тие стравови се оправдани, а некои неосновани, затоа е важно платформите за социјалните медиуми да бидат транспарентни за тоа како ќе ги користат нашите податоци со цел да се намалат негативните реакции што ги предизвикуваат ваквите вести, нешто што, според мене, сè уште не е направено,“ изјави Дејвид Огисте, основач на маркетинг агенцијата Nobody’s Cafe, кој редовно објавува на LinkedIn за брендирање и креативност. Тој додаде дека нема да му дозволи на LinkedIn да ги користи неговите податоци за обука на ВИ.

Различни платформи за социјални медиуми им нудат на корисниците различни опции за да се спречи користењето на нивните податоци за обука на ВИ. Сепак, реалноста е дека ако ја објавувате вашата содржина јавно на интернет, нема начин да бидете целосно сигурни дека вашите фотографии нема да бидат искористени од трети страни на некаков начин.

Еве како некои од главните платформи за социјални медиуми ги користат вашите податоци за обука на ВИ и како (и дали) можете да го избегнете тоа.

socijalni-med-2165-ps1

Извор: Pixabay

 LinkedIn

LinkedIn неодамна воведе опција која им овозможува на своите корисници да одлучат дали ќе дозволат нивните податоци да се користат за обука на генеративни модели на ВИ.

Компанијата соопшти дека LinkedIn и неговите партнери, вклучувајќи го и Microsoft OpenAI, можат да користат корисничка содржина. Тие додаваат дека имаат за цел „да ги ревидираат или отстранат личните податоци“ од збирките податоци наменети за обука на ВИ.

За да забранат користење на лични податоци за обука на ВИ, корисниците треба да влезат во „Поставки и приватност“, да ја изберат опцијата „Приватност на податоци“ во левата колона, а потоа да кликнат на „Податоци за генеративно подобрување на ВИ“ и да ја исклучат опцијата за дозвола.

Сепак, платформата напоменува дека „исклучувањето значи дека LinkedIn и неговите партнери нема да ги користат вашите лични податоци или содржина за обука на модели за ВИ во иднина, но тоа не влијае на обуката што веќе се одржала.“ Со други зборови, нема начин да се поништи обуката на претходните системи за ВИ на LinkedIn со содржините што веќе ги објавиле корисниците.

Во Обединетото Кралство, Швајцарија или во Европа, каде што заштитата на приватноста е посилна отколку во други јурисдикции, не постои опцијата за откажување, бидејќи LinkedIn наведува дека не ги користи корисничките податоци од тие региони за обука на ВИ.

X (поранешно Twitter)

X на Илон Маск, исто така, им овозможува на корисниците да одлучат дали ќе дозволат нивните податоци да се користат за обука на неговиот ВИ чет-бот, Grok, кој беше критикуван за ширење на лажни информации за време на изборите во 2024 година и за генерирање насилни, графички лажни фотографии од истакнати политичари.

Платформата тврди дека и старт-апот на Маск, xAI, ги користи објавите и разговорите со Grok за да ја подобри својата „способност за давање точни и релевантни одговори“ и да го развие „чувството за хумор и духовитост.“


Корисниците на X можат да забранат користење на нивните лични податоци и содржина со влегување во „Поставки“, а потоа во „Приватност и безбедност.“ Под категоријата „Споделување и персонализација на податоците“ има опција за „Grok”, каде корисниците можат да ја отстранат ознаката за користење на нивните податоци за обука на ВИ. X, исто така, истакнува дека корисниците со приватни профили нема да бидат користени за „обука на основниот модел на Grok или за генерирање на одговори на кориснички прашања.“

Snapchat

Функцијата „Мое Селфи“ на Snapchat им овозможува на корисниците и нивните пријатели да ги претворат своите селфиња во слики генерирани со ВИ.


Snapchat, како и брендовите што се рекламираат на платформата, може да ги искористат овие селфиња за создавање реклами генерирани со ВИ со лицата на корисниците, доколку ја користат оваа функција.

Според условите за користење, Snapchat тврди дека селфињата што корисниците ги споделуваат преку оваа функција ќе се користат „за развој и подобрување на моделите за машинско учење и за истражувачки цели.“ Корисниците можат да ја исклучат функцијата со влегување во „Поставки“, потоа во „Мој профил“ и „Мое Селфи“, и да ја деактивираат опцијата „Погледни го моето селфи во реклами.“

Meta

Meta, матичната компанија на Facebook и Instagram, призна дека веќе користела јавни објави (но не и приватни) од овие платформи за обука на својот ВИ чет-бот.

Во својата политика за приватност, Meta наведува дека може да ги обучува своите системи за ВИ со јавни содржини од корисниците на Facebook и Instagram, вклучувајќи објави, коментари, аудио содржини и фотографии од профилите. Ако сакате да ја исклучите оваа опција, треба да го направите вашиот профил приватен.

Извор: BIZLife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.