Со учество на врвни говорници од компании како Google DeepMind, Ericsson, Microsoft, Netflix, Amazon, NVIDIA, Lufthansa, и многу други, учесниците ќе имаат ексклузивна можност да дознаат како вештачката интелигенција го трансформира начинот на кој работиме и живееме. Настанот е создаден за сите кои се дел од технолошката индустрија, но и за ентузијасти и професионалци од различни полиња, кои сакаат да ја разберат и искористат моќта на AI.
Филип Аврамчев, еден од организаторите на AI Tech Summit, истакнува: „ AI Tech Summit, е најголемиот регионален настан на тема вештачка интелигенција. Самата листа на говорници па и делегати од компаниите кои ќе учествуваат е импресивна, така што оваа година за разлика од минатата, мислам дека и нашите, па и регионалните компании се поподготвени да бидат дел од еден ваков самит и токму затоа интересот е огромен и затоа настанот е веќе распродаден.“
Еден од најочекуваните панели е оној посветен на Етиката во AI, предводен од Јорис Кријгер, AI & Ethics Officer од De Volksbank. Во оваа сесија ќе се дискутира за тоа како компаниите треба да развиваат и имплементираат етички принципи во своите AI системи, со цел да се обезбеди доверливост и легитимност на технологијата во иднината. Учесниците ќе имаат можност да ги разгледаат празнините помеѓу секојдневната пракса и постоечките регулаторни иницијативи за AI.
Друг возбудлив панел ќе биде оној за Генеративна вештачка интелигенција, каде Екатерина Сиразитдинова од NVIDIA ќе ги сподели најновите достигнувања во мултимодалната генеративна AI, овозможувајќи создавање на реалистични слики, видеа и аудио од текстуални влезови. Оваа сесија е посебно интересна за AI ентузијасти кои сакаат да ги разберат практичните апликации на оваа технологија и нејзиниот потенцијал за создавање имерзивни мултимедијални искуства.
Еден од панелите што ќе го привлече вниманието на многумина е панелот за AI во автомобилската индустрија, предводен од Кристофер Плачетка од Volkswagen Group, кој ќе зборува за тоа како AI може да се користи за да се подобрат HD мапите и да се зголеми безбедноста на автоматизираните возила.
Покрај тоа, Малте Фирлус од Amazon ќе се осврне на потребите за иновативни правни рамки во AI индустријата, додека Петар Величковиќ од Google DeepMind ќе зборува за користењето на вештачката интелигенција за предвидување и откривање нови патеки во развојот на AI технологии.
Покрај технолошките презентации, настанот нуди и бројни можности за вмрежување и забава, како и шанса за учесниците да се поврзат со водечките компании и иноватори во регионот.