Програмата ја отвори Мато Њавро, директор на фестивалот и декан на Загрепската школа за економија и менаџмент, нагласувајќи дека Investment.Weekend не е само уште една конференција: „Во време кога правилата на пазарната игра се менуваат речиси од недела во недела, станува клучно да постои место на собирање на експерти кои ги разбираат и ги обликуваат тие промени. Investment.Weekend се покажа токму како таква платформа – простор за размена на знаење, искуства и создавање идни партнерства меѓу водечките луѓе од светот на инвестициите.“
„ЗШЕМ од своите почетоци е посветена на образованието на идните лидери и на извонредноста во наставата, а преку Investment.Weekend дополнително го зајакнуваме дијалогот за инвестициите и инвестициската писменост – теми кои се клучни за долгорочната конкурентност на Хрватска,“ заклучи Њавро.
На панелот „Кој ја гради иднината? Јавен, приватен и инвестициски капитал што го обликува одржливиот развој на недвижности” учествуваа Ариел Ферстман, управен и основачки партнер во Habaiti, Свен Ворих, извршен директор и управен партнер во CC Real, со модератор Арно Вилемс, виш партнер во InterCapital Real Estate. Тие размислуваа како стабилна регулаторна рамка и партнерството меѓу јавниот и приватниот сектор можат да го ослободат капиталот и да го забрзаат развојот на пазарот на недвижности. Ферстман истакна: „Наемот е иднината, а ESG стандардите ни помагаат да го обликуваме одговорно и долгорочно.“ „Најважно е да се инвестира стратешки и флексибилно – фондовите за недвижности денес нудат повеќе сигурност и можности од индивидуалната купопродажба на станови,“ додаде Ворих.
Вилемс нагласи дека „само комбинацијата на искуството од приватниот сектор и ресурсите од јавниот може да отвори нови инвестициски можности и да ја зголеми долгорочната вредност на пазарот.“
Еден од најочекуваните моменти на фестивалот беше разговорот „Инвестирање во ера на геополитика… Решавање на проблемот со три тела” на Џорџ Јио, поранешен министер за надворешни работи на Сингапур, со Мато Њавро.
Јио истакна: „Геополитиката денес е фактор на волатилност, еднаков на каматните стапки и инфлацијата. Без разбирање на тој контекст нема успешно инвестирање.“
Тој нагласи и дека Кина не смее да се гледа поедноставено: „Не треба да се демонизира, туку треба да се настојува да се разбере.“ Њавро заклучи: „Она што денес изгледа како закана, утре може да стане прилика. Затоа ваквите разговори се клучни.“
На предавањето „Што е следно за глобалните пазари?”, Луис Оганес, раководител на глобалните макроекономски истражувања во J.P. Morgan, даде преглед на ризиците и можностите за 2025. Тој нагласи: „Технологијата и дата-центрите моментално го спасуваат растот, додека рецесијата и понатаму е можна, но неизвесна.“ За Европа тој ја истакна важноста на фискалните инвестиции и инфраструктурните проекти, а за Кина рече: „По пукањето на балонот со недвижности, растот се одржува со пренасочување на вишокот производство, што глобално ја пригушува инфлацијата.“
Панелот „Поглед од врвот – иднината на инвестирањето” ги обедини Виктор Додиг, претседател и CEO на Canadian Imperial Bank of Commerce, и Крешимир Марушиќ, главен извршен директор за сметководство во Corient Private Wealth. Тие дискутираа за промените во однесувањето на инвеститорите, улогата на вештачката интелигенција и енергетската транзиција. Додиг истакна дека инвестиции во технологија и одржливост денес претставуваат клучна конкурентска предност и ја нагласи важноста на довербата во младите, бидејќи токму тие ги креираат новите насоки на развој.
Првото издание на Investment.Weekend го потврди Ровињ како ново регионално средиште за инвестициско вмрежување и размена на знаења. Учесниците, преку панели за одржлив развој на недвижности, геополитички ризици и глобални пазари, добија единствен увид во стратегиите што ја обликуваат иднината на инвестирањето. Истакнати говорници како Џорџ Јио, Виктор Додиг и Луис Оганес укажаа на важноста на стратешката храброст, флексибилноста и соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, додека практичните примери од приватните фондови и пазарот на недвижности покажаа како иновативните пристапи можат да создадат долгорочна вредност. Investment.Weekend на тој начин постави темели за отворен дијалог и поврзување на капиталот со одржливи, глобално релевантни трендови во инвестирањето. Фестивалот се одржа во соработка со ЗШЕМ, додека генералeн спонзор на програмата беше InterCapital, а KPMG спонзор.