Дали Facebook може да ги привлече Gen Z?

Mета штотуку го откри својот план за тоа како Facebook да ја освои толку посакуваните Gen Z.

dali facebook moze da gi privleche gen z

Извор: Freepik

Oпшто познато е дека Facebook е „за стари луѓе“ — да прашате било кој тинејџер или млад човек, што мислат за Facebook и дали се на Facebook, веројатно ќе ви кажат дека тоа е социјална мрежа наменета за мајки, татковци и по некоја модерна баба. Според истражувањето на Pew од 2023 година за користење на интернет кај тинејџерите, само околу една третина од тинејџерите во САД на возраст од 13-17 години користеле Facebook. Споредете го тоа со истражувањето на Pew од 2014 година, кога 71% од тинејџерите користеле Facebook.

Новиот „мастер“план на Мета за Facebook — и освојување на младите луѓе — се темели на два постулати:

Прво, промена во содржината која ја гледате на feed. Ова во основа значи повеќе препорачана(suggested) содржина како Reels и други објави наместо објави од пријателите и семејството — слично како што е feed-от на Instagram. Како потсетување, во 2018 година, Facebook направи промена во содржината која ја гледате, односно ги приоритизираше објавите од вашите пријатели и семејството.

Второ, Facebook се надева дека ќе ги привлече помладите возрасни со  нови понуди како Marketplace, Dating, Groups и Events.

Со воведувањето на најновите промени, Facebook го дава примерот на новодипломиран студент, на околку 22 години, кој штотуку се преселил во нов град. Тој треба да го опреми својот стан со ограничен буџет — затоа го користи Marketplace за да купи половна софа (оваа апликација во Македонија сè уште не е достапна, иако во соседните држави веќе функционира). Потоа, може да најде забава преку Events, но и да се приклучи на локални групи. Којзнае, можеби својата нова љубов ќе ја најде преку Facebook Dating (оваа апликација се уште не е достапна на македонската верзија на Facebook, но поголемиот дел на Европа веќе ја има). Слободното време ке го пополнува со гледање на забавни Reels во својот feed. (Според Мета, видео содржините зафаќаат околу 60% од времето поминато на Facebook.)

Да бидеме реални, планов на Мета делува претерано оптимистично. Групите ретко кој ги користи за вмрежување, особено тука кај нас – повеќе би рекла дека се користат за гледање сеир и можеби по некој совет за рецепти. Сепак, постојат и примери на локални групи на млади студенти низ Европа кои навистина ги користат овие групи онака како што Мета посакува и од она што може да се види, навистина се од корист, ако си нов во нова средина. Но што е со Facebook Dating? И не e баш некој голем хит. Мета вели дека бројките за Dating се зголемени за 20% годишно, но не кажува колку луѓе го користат.

На крајот од денот, можеби GenZ и нема да го гледа Facebook, толку многу како социјална мрежа, туку место каде може да се информира и да најде нешто што му е потребно. Попатно може да изгледа и некое видео. Реалноста е дека не може да ги држи залепени за екран со часови додека се обидувате да заспиете како што умешно го може TikTok, но привлекувањето на помлада демографска група нудејќи реална корист за работите кои им се потребни е добра долгорочна стратегија.

Не толку одамна, Instagram изгледаше како да е на работ, но успеа да си ја врати својата сила и да се натпреварува против TikTok, дури и со тинејџерите.Во моментов можеби изгледа неверојатно дека Facebook може да стане кул за Gen Z, но не го отпишувајте прерано, има огромна шанса да успеат!

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.