Хакери украле здравствени податоци за половина американска популација?

Ransomware нападите не му се непознати на Балканот. Ваков тип на напад се случи на Фондот за здравствено осигурување на Македонија минатата година, а на почетокот на оваа година на напад беше изложено и Електростопанството на Србија.

hakerski-napad-1271-fi

Ilustracija: DALL-E3

Од “UnitedHealth Group” – компанијата која раководи со здравствените податоци за околу половина Америка, потврдија дека ransomware нападот на нивната подружница за здравствена технологија “Change Healthcare” на почетокот на оваа година резултирал со огромна кражба на приватните здравствени податоци на американците.

“UnitedHealth” во соопштение изјавија дека хакерите со рансомверот земале фајлови кои содржат лични податоци и доверливи здравствени информации за кои велат дека може да ги засегнат „значаен дел од луѓето во Америка“, пренесува порталот TechCrunch

Гигантот за здравствено осигурување не кажа колку Американци се засегнати, но изјави дека прегледот на податоци „веројатно ќе трае неколку месеци“ пред да почне компанијата да ги известува поединците дека нивните податоци се украдени во сајбер – напад.

“Change Healthcare” го работи осигурувањето и наплатата за стотици илјади болници, аптеки и медицински домови ширум американскиот здравствен сектор. Имаат пристап до огромни количини здравствени информации за околу половина од Американците. Од “United Health” велат дека уште не виделе видео докази дека од нивниот систем се извадени лекарски картони или полни медицински истории.

Хакерите се обиделе да изнудат корист од компанијата

Признанието дека хакери ги украле здравствените податоци на американците, доаѓа една недела откако хакерската група почнала да објавува дел од украдените податоци во обид да изнуди откупнина од компаниите.

Бандата со назив “RansomHub”, објавила неколку фајлови на dark web кои содржат лични информации за пациентите во низа документи од кои некои вклучуваат и интерни фајлови поврзани со “Change Healthcare”. Од “RansomHub” изјавиле дека ќе ги продадат украдените податоци, доколку “Change Healthcare” не ја плати откупнината.

Во изјавата дадена за TechCrunch, портпаролот на UnitedHealth, Тајлер Мејсон, потврди дека компанијата плаќала сајбер криминалци. „Откупот беше платен како дел од посветеноста на компанијата да направи се што може за да ги заштити податоците на пациентите. Компанијата не ја потврди сумата што ја платила.

“RansomHub” е втората банда која барала откуп од „Change Healthcare“. Здравствениот технолошки гигант, наводно, платил 22 милиони долари на руската криминална банда наречена ALPHV во март, која потоа исчезнала, оставајќи го нејзиниот соработник без неговиот дел од откупот. „RansomHub“ во својата објава, покрај објавените украдени податоци, тврди дека „ги имаме податоците, а не ALPHV“.

Во својата изјава, “UnitedHealth” го призна објавувањето на некои од досиејата, но не побара сопственост на документите. „Ова не е официјално известување за прекршување“, рекоа од “UnitedHealth”.

Што е Ransomware?

Ransomware е малициозен софтвер дизајниран да го оневозможи пристапот на корисникот или организацијата до датотеките на нивниот компјутер. Со шифрирање на овие датотеки и барање откупнина за клучот за дешифрирање, сајбер-напаѓачите ги ставаат организациите во позиција каде што плаќањето на откупот е најлесниот и најевтин начин да се врати пристапот до нивните датотеки. Софтверот е дизајниран да се шири низ мрежата и да таргетира сервери за бази на податоци и датотеки, и на тој начин може брзо да ја парализира цела организација.

Најчесто хакерите го користат овој тип за напад на здравствени институции, јавни установи, градски и државни системи. Ваков тип на напад се случи на ФЗОМ минатата година, а на почетокот на оваа година на напад беше изложено и Електростопанството на Србија од уценувачката група „Килин“ (Qilin) која постави достапни за слободно преземање нешто повеќе од 34 гигабајти документи, кои наводно биле „симнати“ за време на нападот.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.