Инсталирањето на соларни панели може да биде напорна работа, па затоа една од најголемите компании за обновлива енергија користи роботи за да го направи тешкиот дел од работата.
AES Corporation го претстави „Максимо“, робот со вештачка интелигенција кој може да подига соларни панели и прецизно да ги поставува во долги редови. Роботот ќе се користи за изградба на најголемата соларна централа со батериско складирање во САД, која ќе помогне во напојувањето на центрите за податоци на Amazon, пишува Business Insider.
„Ние сме навистина фокусирани на брзина,“ изјави Крис Шелтон, главниот директор за производи на AES за време на прес конференцијата. „А под брзина подразбираме брзина за клиентите – за побрзо ставање на овие проекти во функција, и брзина за енергетската транзиција. Колку повеќе соларна енергија можеме да распределиме, толку повеќе можеме да го намалиме вкупниот јаглерод во економијата.“
AES изјави дека Максимо може да инсталира соларни панели двојно побрзо од луѓето и за половина од трошокот. Роботот беше тестиран во различни надворешни услови на проекти во Њујорк, Вирџинија, Охајо и Луизијана и досега има инсталирано околу 10 мегавати енергија. Соларната фарма за напојување на операциите на Amazon што AES ја гради во округот Керн, Калифорнија, се очекува да има 200 пати поголем капацитет.
Автоматизацијата доаѓа во момент кога аналитичарите предвидуваат дека нема да има доволно работници за да го задржат темпото со брзиот пораст на побарувачката за соларна енергија. Amazon и другите големи технолошки компании ја поттикнуваат големата побарувачка за обновлива енергија, но имаат и амбициозни климатски цели, па така истовремено градат енергетски гладни центри за податоци за да ги складираат нашите податоци и да развиваат AI.
Брзото зголемување на соларните централи и батериското складирање е клучно за исполнување на корпоративните климатски ветувања. Но, доаѓњето на Максимо на соларните локации може да ја зголеми загриженоста дека роботите ќе ги намалат човечките работни места, исто како што автоматизацијата замени некои работни места во фабриките.
Рон Родрик, потпретседател за управување со проекти во AES Clean Energy, сепак вели дека Максимо не ги заменува човечките инсталатори на соларни панели на проектите на компанијата.
„Максимо не е тука за да ги замени инсталаторите на панели или другите луѓе кои ги имаме на нашите локации,“ вели Родрик. „Ова навистина се однесува на аспектот на безбедност и помош при кревање на тешките панели, што досега луѓето требаше да го прават.“
Подигањето на соларни панели со тежина од 30-тина килограми, во некои случаи по 200 панели на ден во пустинска топлина, го зема својот данок на телото. Ако тоа не е дел од работата, вели Родрик, поширок спектар на работници би можеле да аплицираат, вклучувајќи и луѓе со попречености.
AES рече дека за Максимо има една личност која го управува роботот, додека друга го надгледува и ги контролира неговите движења со едно притискање на копче.