Колку е дигитално писмен Балканот?

Црна Гора на врвот, Албанија на дното според просечната дигитална компетентност на населението.

digitalna-pismenost-1292-fi

Извор: Александар Гацев

Во светот на ChatGPT, DALL E, Copilot, NFT, AWS…да не набројуваме, во светот во кој дигиталните вештини веќе не се луксуз, туку неопходност како стоиме со дигиталната писменост?

Повеќе од половина од граѓаните на Европската Унија се дигитално писмени

Според најновите статистики од Еуростат, 53.92% од населението на ЕУ поседуваат барем основни дигитални вештини што и не е одлично ако се знае дека речиси 90% од луѓето во ЕУ користат интернет барем еднаш неделно. Основните дигитални вештини им овозможуваат на луѓето да се снајдат во сложеностите на дигиталните платформи кои се од суштинско значење на современото работно место. Во земји како Финска и Холандија поради високиот процент (79%) на дигитално писмено население се смета дека и економијата се развива подобро и има повеќе иновации. Голем број од населението и во Ирска (70%) и Данска (69%) поседуваат основни и повисоки дигитални вештини додека на дното се Романија (28%) и Бугарија (32%).

Каква е ситуацијата на Балканот?

Земјите од Западен Балкан не можат да се пофалат со дигитално писмено население. Просечна дигитална компетентност покажуваат 36.31% од луѓето. Албанија се рангира најниско, со само 23.8% од населението кое има основни или повисоки дигитални вештини, што претставува сериозен предизвик во интегрирањето во дигиталната економија. Околу 32 проценти од македонското население е дигитално  писмено и тоа најмногу се младите. Во регионот води Црна Гора со 47.21%, но сепак заостанува во споредба со просекот во ЕУ.

Образовни реформи и прилагодувања на политиките

Разликата во поседувањето дигитални вештини на населението меѓу Балканот и ЕУ укажува на итната потреба за образовни реформи и подобрувања на политиките за надминување на дигиталниот јаз. Усогласувањето на образовните курикулуми со барањата на дигиталната ера, фокусирањето на практични вештини како што се програмирање, анализа на податоци и дигитална безбедност може значително да го зголемат нивото на дигитална писменост бидејќи побарувачката за напредни дигитални вештини ќе продолжи да расте и ќе се отвораат нови работни места за кои ќе бидат неопходни. И ЕУ и Западен Балкан мора да го приоритизираат континуираното учење и континуирано да ги прилагодуваат своите образовни системи за да ги подготват своите граѓани за идните предизвици.

Новинар, уредник, продуцент, комуникациски стратег, претприемач, предавач, зависник од ТикТок...многу именки ја дефинираат Велковска, а еден хаштаг ги обединува сите #ILoveMyJob

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.