Прашањето што ретко си го поставуваме (а треба), гласи: дали оваа работа нѐ гради или тивко нѐ истрошува?
Ајде да видиме неколку црвени знаменца кои може да виорат во позадина и да ве предупредат дека е време за преиспитување.
Ништо ново под сонцето
Ако цела година решавате исти проблеми, зборувате со исти луѓе, на ист начин и веќе не ве бодри ниеден предизвик, тоа е аларм. Растот не значи нужно нова титула, но значи чувство дека учите, разбирате повеќе, станувате поспособни.
Петок попладне = единствената мотивација
Нормално е да се радуваш на викенд, но ако единствено што те турка е мислата на петок 17:00, а понеделник ти е кошмар тогаш нешто не штима. Работа што не дава никаква смисла, туку само структура, брзо почнува да гуши.
Идеи имаш – ама си решаваш да молчиш
Кога ќе почнете да си велите „а бе, не ми се замара“, „за џабе ќе кажам“, или кога си мислите дека е полесно да молчите отколку да се борите за нешто подобро , тоа не е мрзеливост. Тоа е знак на емотивно откажување.
Не се гледаш ни погоре, ни на друго место
Ако напредувањето ти изгледа како товар, а заминувањето како научна фантастика можеби сте влезени во удобна зона што не е веќе ни удобна, туку само пасивна. Не мора кариерата секогаш да оди нагоре, ама не треба да изгледа како ќор-сокак.
Телото ви шепоти (или веќе вреска)
Постојан замор, главоболки, нервоза пред работа, расфрлана концентрација… Телото прво го кажува она што умот не сака да си признае.
Па, што можете да направите?
- Прашајте се: што ме држи овде освен платата?
- Разговарај со шефот – можеби има простор за ротација на задачи, некој проект што ќе ви донесе свежина и мотивација.
- Ѕирнете што има надвор од вашиот сектор, или дури надвор од фирмата – чисто од љубопитност.
- И најважно: не го игнорирајте тој тивок глас што ви шепоти „нешто ми недостасува“. Понекогаш е попрецизен од сите SWOT анализи на светот.
Стагнацијата не доаѓа со фанфари. Таа тивко се инфилтрира, низ досада и изгубена искра. Ама ако ја препознаете навреме, може да стане најголемиот сигнал дека е време за нова, поузбудлива приказна.
Работата не мора да ве инспирира секој ден ама мора да остави простор да растете. Инаку, полека ќе се гасите, а тоа никој не го заслужува.
Извор: Webmind редакција