Како метаверсот ја загадува животната средина? 

Од потрошувачка на енергија до електронски отпад, метаверсот претставува предизвик со кој треба да се соочиме и да го решиме во нашата потрага по дигитална иднина.

metaverse-i-zhivotna-sredina-1543-fi

Извор: Freepik

Метаверсот привлече значително внимание во последниве години. Од една страна делува ветувачки дека ќе ги револуционизира различните аспекти на човечката интеракција и продуктивност, но од друга страна, не можат да се избегнат прашањата за неговото влијание врз животната средина. 

Метаверсот не е само виртуелен простор, туку претставува спој на дигитални средини кои користат аугментирана (проширена) реалност (AR) и виртуелна реалност (VR). Може да креирате ваш уникатен аватар, приспособувајќи го неговиот изглед да го одразува вашиот стил, а дури може и да тргнете на дигитално патување. Од гејмерски авантури до виртуелни концерти, метаверсот нуди бескрајни можности за забава и социјализација. Покрај тоа, можете да се вклучите и во економски активности, искористувајќи ги дигиталните можности за заработка и поттикнување на претприемништвото во оваа динамична виртуелна област. Сѐ ова звучи супер интересно, но во реалноста AR и VR и центрите за податоци користат услуги за вештачка интелигенција и „клауд“, кои бараат огромни количини на енергија.  

Виртуелна реалност: Нови димензии на човечките интеракции

Негативното влијание на метаверсот  

Центрите за податоци користат вештачка интелигенција за откривање на движењата на очите и рацете, а виртуелната реалност се потпира на „клауд“ услугите. Една студија покажува дека тренирањето на еден поголем модел за длабоко учење произведува околу 284 илјади килограми јаглерод диоксид што е еквивалентно на емисиите произведени од пет автомобили во текот на нивниот животен век. 

Потрошувачка на енергија: 

Метаверсот во голема мера се потпира на сложена мрежа од сервери, центри за податоци и компјутерска моќ за да ги одржи своите виртуелни светови. Оваа инфраструктура бара значителни енергетски ресурси, што доведува до загриженост за нејзиниот јаглероден отпечаток. Дополнително, пресметковните барања за прикажување сложени графики и интеракциите во реално време дополнително придонесуваат за потрошувачката на енергија. 

Додека напредокот во енергетско ефикасниот хардвер и оптимизацијата на софтверот можат да помогнат до одреден степен да се ублажи ова влијание, од суштинско значење е да се истражат поодржливи решенија. Интегрирањето на обновливите извори на енергија како што се соларната, ветерната или хидроелектричната енергија во операциите на центрите за податоци претставува значителен чекор кон намалување на емисиите на јаглерод. Покрај тоа, имплементирањето на енергетски ефикасни практики како што се виртуелизација на серверот и динамично распределување на ресурсите може да го оптимизира користењето на енергија без да се загрозат перформансите. 

metaverse-i-zhivotna-sredina-1543-ps1

Извор: Freepik

Електронски отпад: 

Во брзиот свет на метаверсот, корисниците често ги менуваат своите уреди за да пристапат до најновите функции и искуства. Ова придонесува за генерирање на електронски отпад, кој е еколошки предизвик. Секоја фаза од животниот циклус на уредот има еколошки импликации. Екстракцијата на суровини, производните процеси и транспортот придонесуваат за исцрпување на ресурсите и зголемување на емисиите на јаглерод. Дополнително, несоодветното отстранување на електронскиот отпад може да доведе до загадување и опасност по здравјето. 

За да се ублажи влијанието на електронскиот отпад врз животната средина од суштинско значење се иницијативите кои промовираат електронско рециклирање и практики за одржлив дизајн. Поттикнувањето на корисниците одговорно да ги рециклираат старите уреди може да помогне да се минимизира создавањето отпад. Понатаму, дизајнирањето на долговечен хардвер со можност за поправка може да го продолжи животниот век на уредите, намалувајќи ја потребата од чести замени. 

Позитивното влијание на метаверсот  

Но, не е сѐ толку црно. Оваа технологија може значително да ја намали потребата за патување, бидејќи луѓето сега имаат можност да ги искусат сите дестинации од удобноста на својот дом. Ова резултира со намален сообраќаен метеж, помалку несреќи, намалено загадување и на крајот помал придонес за глобалното затоплување. Понатаму, практичноста за одржување конференции во виртуелни услови им нуди на политичките и деловните лидери значителни заштеди на време и трошоци, особено во однос на безбедноста и патните трошоци. 

Дигитален маркетер со правничка позадина. Со огромна љубов кон пишувањето и all things eco-friendly. #TheVoiceOfGenZ

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.