Со помош на ВР очилата кои користат програми за да создадат симулирана средина, корисникот може да ја истражува таа средина, да ја менува или да управува со некој сегмент кој всушност му е достапен само со помош на виртуелната реалност. Нејзиното влијание врз носењето на одлуки (decision-making) паралелно расте со зголеменатата застапеност на виртуелната реалност во се’ повеќе сегменти од животот – скоро и да не постои ниту една гранка од индустријата која не ги развива принципите на успешен бизнис кој се темели на оваа технологија.
ВР во медицината
Денес студентите по медицина го проучуваат човечкото тело со помош на ВР, индустријата за видео игри веќе одамна ја користи, а архитектите и пазарот на недвижнини им овозможува на клиентите не само да ја разгледаат и да влезат во куќата која треба да ја градат, туку и да поминат неколку денови во неа пред да ја купат. Одамна виртуелната реалност ја пронајде својата примена во филмската, забавната индустрија, војската, архитектурата, медицината, образованието, спортот, а светската пандемија од минатата година само го потврди и забрза развојот и нејзината примена и во други индустиски гранки.
ВР во музеј
Виртуелната реалност му донесе нови искуства на човештвото, какви што не верувавме дека ќе имаме. Дека ќе можеме од удобноста нашиот дом само со користење на ВР очила да доживееме искуство идентично со вистинското додека шетаме низ Лувр во Париз или низ Уфици во Фиренца. Кога сме веќе кај примената на ВР во музеите, она за што кустосите ширум светот сонуваат е да уживаат во антиквитетите со сите сетила а не само визуелно да ги гледаат затворени во стаклена витрина. Со помош на виртуелната реалност секој посетител ќе може да држи меч од 16.век во својата рака или да растегне лак и стрела.
Извор: Freepik / creativeart
ВР во забавната индустрија
Во голем дел од светот виртуелната реалност е веќе длабоко навлезена во забавната индустрија. ВР ролеркостерите и виртуелните паркови се одлична комбинација на виртуелната реалност и неповторливо физичко искуство која доведува до нова димензија во забавата. Возење низ ролеркостерите со ВР очила на глава кои проектираат сосема друга слика на стварноста е само една од можностите за примена на ВР во забавната индустрија.
ВР во образованието
Платформите за онлајн учење го променија начинот на нашето образование во изминатите години и воедно отворија нови фантастични можности. Веќе се применува виртуелната реалност за образовни обуки за пилоти, за специјални единици, за доктори и уште многу други професии кај кои практичното образование е неопходно. Уредите за виртуелна реалност ни овозможуваат практично искуство пред навистина да го доживееме истото и не подготвуваат за тоа вистинско искуство. Хирургот ќе доживее десетици различни и стресни ситуации во виртуелна реалност пред својата вистинска прва операција, а пилотот ќе има излетано многу виртуелни часови пред првото вистинско полетување.
ВР во маркетинг
Виртуелната реалност денес претставува голем предизвик за иновации и социјалните мрежи. Не само што ќе можеме да комуницираме со секој соговорник лице в лице како да сме во иста просторија, туку и ќе се соочиме со една нова реалност во која интерактивно ќе може да споделуваме искуства и да учествуваме во нив. Сигурно е дека со движење на зеницата ќе може да отвараме содржини, да скроламе и да лајкаме.
Важен аспект за набљудување на примената на виртуелната реалност наоѓаме во областа на маркетингот. Секоја иновација воглавно го менува начинот на кој тој функционира и сигурно е дека уредите за ВР ќе создадат сосема нови изрази во маркетингот. Квалитетните содржини и понатаму ќе бидат на високо скалило од побарувачката во оваа индустрија, а неограничениот простор за огласување и рекламните пораки кои се очекува во блиска иднина да ни излегуваат и прелетуваат пред нашите очи ќе бидат теми од голем интерес. Маркетингот се базира на емоции, и ниту еден друг уред нема да може да се спореди со можностите кои ќе ги пружи виртуелната реалност когa ќе биде дел од секојдневието.
Евидентно е дека примената на оваа технологија постојано расте и се развива и неминовно е дека одредени професии ќе бидат многу повеќе барани во иднината. Во моментов професијата ВР/АР (аугментирана реалност) програмери е во подем, а се очекува дизајнери за виртуелна реалност и аватар дизајнери да бидат се’ побарани. Повеќе од јасно е дека иднината и припаѓа на виртуелната реалност во надеж дека истата ќе ни донесе просперитет, а ние ќе ги користиме нејзните добри страни за вистински цели.