Првото инклузивно музичко училиште во Македонија: Прозорец кон нови можности

Ова е приказна за страста, иновацијата и неуморниот стремеж кон создавање на простор каде секое дете, без разлика на неговите способности, може да ја открие магијата на музиката.

inclusive-music-1544-fi

Извор: Inclusive Music

Што Ве инспирираше да го започнете првото инклузивно музичко училиште во Македонија и кои лични искуства влијаеа на вашата визија?

Долго време се обидував да пронајдам сфера преку која би можел навистина да придонесам и да работам со луѓе кои навистина имаат желба да научат музика и свирење на инструмент, но не само да учат песни и готов производ, туку да научат како да учат доживотно, самостојно и посветено, некој кој навистина ќе препознае бенефит од изучувањето инструмент, а тоа нема да биде привремен интерес меѓу многубројни спортови, јазици и хобија. Секако, не сметам дека е погрешно и децата и возрасните да имаат многу различни интереси и хобија, но лично сакав да придонесам кај оние каде што музиката ќе остави длабок впечаток и ќе биде едно живото-менувачко искуство.

Дамјан Даневски

Од друга страна, од доста блиски луѓе постојано слушав дека имаат реална потреба да најдат соодветни воншколски активности за своите дечиња со атипичен развој – некое место каде што ќе добиваат соодветно внимание и ќе им се дадат алатки за развој, но и за друштвена воншколска активност која не е посетување на логопед или дефектолог. Така што не требаше долго да се дојде до идејата, но беше доста долг процес да се обмисли бизнис моделот, за што имав огромна помош од најблиските.

Можете ли да опишете некои од најголемите предизвици со кои се соочивте при преминот на идејата за инклузивно музичко училиште од концепт во реалност?

За почеток, стравот од отворање и водење на сопствен бизнис кој од некоја причина се пренесува генерациски кај нас, стравот од неуспех и грешки. Кога конечно одлучив дека вреди да се обидам, заедно со мојата партнерка, сега сопруга, успеавме да изнајдеме најсоодветен бизнис модел, да изработиме бизнис план, како и да најдеме начини за првичното финансирање, а потоа и обезбедување на соодветен простор, што исто така беше доста голем предизвик бидејќи сакавме просторот да исполнува максимум услови за олеснување на пристапот, да биде достапен физички преку рампи за хендикепирани лица, да биде во безбедна зона, блиску до училишта и релевантни институции, како и да биде функционално и естетски задоволителен.  

Кои беа најзначајните пречки за наоѓање инвеститори и финансирање на училиштето?

Училиштето е примарно само-финансирано, а потоа добивме одредена поддршка од Агенцијата за Вработување преку мерките за самовработување, што е исклучително добра алатка за поддршка на лица кои имаат идеја, но тоа ни оддалеку не се доволно средства за идејата да ја претворат во реален бизнис.

Многу скоро по отпочнувањето на подготовките за отворање на физичката просторија, бевме избрани и за грантова поддршка од ЕУ, која се доделуваше во рамките на програмските активности на Националниот Младински Совет на Македонија (НМСМ) а со која се поддржуваа иновативни социјални претпријатија. Тоа ни овозможи значително да ги унапредиме условите – да набавиме поквалитетна, помодерна, поинклузивна опрема, да најмиме експерти кои не поддржаа во обмислување на програмите за инклузивно музичко образование, маркетинг експерти, но и да бидеме дел од нивните работилници за развој на капацитетите на млади претприемачи.

Опремата која ја користите е специфична и специјализирана за потребите на една инклузивна средина. Можете ли да ми кажете нешто повеќе за истата? Како избравте и обезбедивте опрема што ги задоволува различните потреби на вашите студенти?

Дел од опремата во однос на инклузивните карактеристики беше избрана по пат на истражување – дел на интернет, дел во комуникација со дефектолози, тука спаѓаат електрични тапани, електрични пијана, столчиња, осветлувања, перкусии и сл. Друг дел, интересно, беше избран како резултат на неколку месеци активна работа со дечињата во училиштето, па така гитара за левичари набавивме кога сфативме дека на дел од учениците со аутизам всушност левата рака им е доминантна и значително се подобри нивниот перформанс кога набавивме и ваква опрема.

inclusive-music-1544-ps1

Понатаму, низ работата откриваме што се’ може да помогне за поголема концентрација или подобро разбирање на комплексните музички концепти, па постојано надградуваме со најразлична опрема – од стикери, до класични табли за пишување, па се до невообичаени инструменти како „пеачки чинии (singing bowls)“ односно нивни модерни варијации кои создаваат фрекфенции за медитативни состојби и подобрување на фокусот, а кои се особено популарни за време на некои од часовите. Морам да кажам дека секојдневно учиме нешто ново и постојано се трудиме да инвестираме во поиновативни услуги и поопфатни програми.

Како е приспособена или дизајнирана наставната програма во вашето училиште за да се грижи за учениците со различна попреченост?

Пред се’ важно е да се каже дека училиштето не нуди услуги само на лица со попреченост, туку е инклузивно музичко училиште, односно секаде каде што има можност се трудиме да ја имаме таа мешавина помеѓу лицата со типичен и атипичен развој, како и со лица со атипичен развој кој произлегува од различни состојби и различно се манифестира.

Инклузивноста кај нас произлегува од можноста секој да добие еднаков пристап до простор, опрема и соодветна едукација. Учениците или нивните родители може да изберат помеѓу четири инструменти – тапани, гитара, бас и клавијатури, и три модели на работа – редовна групна настава, редовна индивидуална настава и специјализирана индивидуална настава, односно настава во придружба на дефектолог. Конкретната програма зависи од тоа за кој инструмент и за кој модел на работа станува збор, додека пак кај специјализираната настава пристапот се прилагодува и според специфичните потреби на учениците.

Во редовната настава програмите се дизајнирани да ги научат учениците како да учат, односно да им дадат силна основа на инструментот кој го избрале, да ги научат да бидат доследни и дисциплинирани во изучувањето преку вежби и нивна практична примена, но и да бидат теоретски потковани за да можат самостојно да учат, истражуваат и експериментираат на својот инструмент, да создадат сопствен стил и да ги комуницираат своите визии преку музиката. Оваа програма е вклучува и лица со типичен и со атипичен развој, а често многу дечиња почнуваат со специјализирани индивидуални часови и прогресираат кон редовна групна настава каде што имаат можност не само да изучуваат музика туку и да создаваат другарства и да се социјализираат поразлично отколку во училишните клупи. Сепак, групната настава е во ограничен број од максимум 3 деца кои се на слична возраст и со слични афинитети.

На специјализираните часови, целите се дефинираат според потребите на ученикот, неговите капацитети за одржување на внимание и учење на вештини, некогаш се работи на оспособување на ситната моторика, некогаш на задржување на вниманието. Секако, повторно идејата е учениците да изградат цврста музичка основа за да станат што посамостојни во музичкото изразување.

Каков е фидбекот од родителите на учениците и воопшто од засегнатите страни?

До сега сме добиле само најпозитивни реакции, но и резултатите кај децата кои ги гледаме ние ги гледаат и родителите, и огромно задоволство е да се види дека низ работата навистина сме постигнале реален успех, а уште посреќни сме кога тоа ќе го слушнеме од самите родители.

Како Inclusive Music влијае врз подобрување на квалитетот на животите на своите ученици?

Инклузив Мјузик е пред се’ едно безбедно катче за учење и развој и јас тука го гледам нашето најпозитивно влијание – децата тука доаѓаат како дома, се дружат со своите наставници, со своите соученици, со тоа се унапредуваат нивните друштвени вештини, кај децата со типичен развој се гради свест за различностите, интерес и желба за комуникација со дечињата со атипичен развој, додека пак кај децата со атипичен развој се јавува чувството на припадност – тука немаме непочитување, меѓусебно исмевање како што може да биде случај во одредени неинклузивни средини.

Дали ја гледате музиката не само како терапевтска алатка туку и како потенцијален професионален пат за вашите студенти? Како го поддржувате овој развој?

Апсолутно. Многу од нашите ученици се исклучително надарени и имаат можност да се насочат кон музичката професија. Нашата цел е да ги научиме како да го најдат тој пат, да се пронајдат себеси во музиката која им се допаѓа.

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.