Генерално, смеата го ублажува стресот, го подигнува расположението и ве прави поотпорни. Но, таа е исто така добра и за вашите врски и односи. Во новите врски, хуморот може да биде начин за флертување, но и за надминување на нелагодноста што може да се јави во процесот на запознавање. Во постојните врски, хуморот може да ги одржи нештата возбудливи, свежи и живи. Исто така, може да ви помогне да ги надминете конфликтите, несогласувањата и ситните огорчености кои со текот на времето можат да се наталожат и да ја дестабилизираат врската.
Предностите што ги носи хуморот во врската и блиските односи
Заедничката смеа е споделување задоволство, кое создава чувство на поврзаност и интимност. Хуморот во врската создава позитивна енергија која делува на ублажување на стресот, несогласувањата, разочарувањата и лошите моменти. И можете да научите да го користите не за да ги избегнете нелагодностите, туку за да ги ублажите.
Хуморот може да ви помогне да:
- формирате посилна врска со другите: Вашето здравје и среќа во голема мера зависат од квалитетот на вашите односи, а смеата ги поврзува луѓето.
- ги измазните разликите: Користењето благ хумор често помага да се позанимавате дури и со најчувствителните прашања, како што се сексот или семејните односи.
- ја ублажите напрегнатоста: Добро темпираната шега може да ја ублажи напрегнатата ситуација и да ви помогне да ги решите несогласувањата.
- ги надминете проблемите и застоите: Смислата за хумор е клучот за отпорноста. Ви помага да се носите со тешкотиите, да го пребродите разочарувањето и да се опоравите од неволјите и загубите.
- ги ставите нештата во перспектива: Повеќето ситуации не се толку мрачни како што изгледаат кога се набљудуваат од разиграна и духовита перспектива. Хуморот може да ви помогне да ги преформулирате проблемите кои инаку би можеле да делуваат преплавувачки и да ја оштетат врската.
- бидете покреативни: Хуморот и разиграноста можат да ве опуштат, да ја поттикнат енергијата и да ве инспирираат.
Хуморот во врската за управување со конфликти
Конфликтот е неизбежен дел од сите врски. Може да се јави во облик на поголеми несогласувања или ситни несогласувања кои се наталожуваат со текот на времето. Во секој случај, начинот на кој управувате со конфликтот често може да го одреди успехот на вашата врска.
Кога ќе настапи моментот на конфликт или несогласување, хуморот и разиграноста можат да помогнат во смирувањето на напрегнатоста и обновувањето на чувството на поврзаност. Лесниот хумор, користен со почитување, може брзо да го претвори конфликтот и напрегнатоста во можност за заедничка забава и интимност. Ви овозможува да ја искажете својата поента, а притоа да не ја активирате одбраната на другата личност или да ги повредите нејзините чувства.
Хуморот не е чудотворен лек за конфликти, но може биде важна алатка која ќе ви помогне да ги надминете моментите кои одвреме-навреме ја погодуваат секоја врска.
Хуморот без болен сарказам или исмевање го неутрализира конфликтот така што ви помага да:
- ја прекинете борбата за моќ: Моментално ја намалува напрегнатоста и ви овозможува повторно да се поврзете и да ја вратите перспективата.
- бидете поспонтани: Заедничката смеа и играта ви помагаат да се ослободите од крутите начини на размислување и однесување, овозможувајќи ви да го видите проблемот на нов начин и да пронајдете креативно решение.
- ја намалите дефанзивноста: Во ведар тон, нештата ги слушаме поинаку и можеме да толерираме сознанија за себе кои инаку би ги сметале за непријатни или дури и болни.
- се ослободите од инхибициите: Смеата нè ослободува да го изразиме она што навистина го чувствуваме и дозволува нашите длабоки, искрени емоции да излезат на површина.
Уверете се дека двајцата сте во расположение за шега
Како и секоја алатка, хуморот може да се користи и на негативни и на позитивни начини. Изнесувањето подбивачки, болни забелешки, а потоа критикувањето на другата личност што не ја сфаќа шегата, ќе создаде уште повеќе проблеми и на крајот ќе ја оштети врската.
Хуморот може да ви помогне да го надминете конфликтот само кога двете страни се на иста бранова должина. Важно е да бидете чувствителни кон другата личност. Ако вашиот партнер, колега, член на семејството или пријател најверојатно нема да ја цени шегата, откажете се од неа. Кога шегата е еднострана, а не двострана, таа ја поткопува довербата и добрата волја и ги нарушува односите.
Поставете си ги следниве прашања:
- Дали се чувствувате мирно, бистро и поврзано со другата личност?
- Која е вашата вистинска намера: Да искомуницирате позитивни чувства, или со шегата изразувате бес или се смеете на сметка на другата личност?
- Дали шегата ќе биде сфатена и ценета? Дали сте свесни за емоционалниот тон на невербалните пораки што ги испраќате? Емитувате ли позитивни, топли сигнали или негативен и непријателски тон?
- Ги забележувате ли невербалните сигнали што другата личност ги испраќа? Дали делува отворено и приемчиво за вашиот хумор, или затворено и навредено?
- Колку сте подготвени и способни да се повлечете ако другата личност реагира негативно на шегата?
- Ако кажете или направите нешто што навредува, дали ви е лесно веднаш да се извините?
Кога хуморот во врската не е корисен и здрав
Хуморот ви помага да останете отпорни на животните предизвици. Но, постојат моменти кога хуморот не е здрав. Тогаш се користи како покритие за избегнување, а не за соочување со болните емоции. Смеата може да биде маска за чувствата на повреденост, страв, бес и разочарување кои не сакате да ги почувствувате или не знаете како да ги изразите.
Можете да бидете духовити во врска со вистината, но прикривањето на вистината не е забавно. Кога ги користите хуморот и разиграноста како покритие за други емоции, создавате збунетост и недоверба во своите врски.
Размислете:
- Дали го користите хуморот за да скриете други чувства?
- Колку се шегувате на сметка на другите и дали таа шега руши и раздвојува, наместо да гради и обединува?
- Дали навистина се обидувате да се насмеете заедно или имате некоја друга цел (да критикувате, да ја ставите другата личност на нејзиното место, да докажете дека сте во право)?
- Дали го користите хуморот за да се подисмевате со себе? Нема ништо лошо во тоа, освен ако вашите самоомаловажувачки шеги се чести. Тоа укажува на одбранбен механизам за ниска самопочит и несигурност.
- Забележувате ли дека хуморот е вашиот однапред дефиниран излез, дури и во сериозни ситуации кои бараат чувствителност и зрелост? Дали повеќе од една личност ви кажала дека вашите шеги се несоодветни?
- Колку другите луѓе ве сфаќаат сериозно? Или ве гледаат како некој кој може да ги насмее, но на кого не можат да се потпрат во тешки времиња?
Како да развиете попаметна смисла за хумор
На некои им е полесно отколку на други да го користат хуморот во врската, особено во напрегнати ситуации. Ако вашите напори не одат најдобро, следниве совети можат да помогнат:
- Следете ги невербалните сигнали. Ако некој не ужива во вашите обиди за хумор, ќе можете да го видите тоа по говорот на телото. Дали насмевката е искрена или напрегната? Дали се повлекува од вас или се наведнува кон вас, охрабрувајќи ве да продолжите?
- Избегнувајте злобен хумор. Можеби тоа ќе успее кај некои комичари на сцена, но кога се користи еден на еден, не само што нема да успее, туку може и да повреди. Изговарањето на нешто болно или навредливо, дури и кога е спакувано како шега, може да ја отуѓи другата личност и да ја ослаби врската меѓу вас.
- Создавајте интерни шеги. Интерна шега е нешто што само вие двајца го разбирате. Често може да се сведе на збор или кратка фраза која ве потсетува двајцата на смешен инцидент или забавна приказна и обично предизвикува насмевка. Кога две личности се единствените кои се „во шегата“, тоа може да создаде интимност и да ве зближи.
Безбедно е да се започне со самокритичен хумор
Ако не знаете како да кажете безопасни шеги, или се мачите да дознаете што е соодветно во дадена ситуација, поченете со самокритичен хумор. Сите ги сакаат луѓето кои не се сфаќаат себеси премногу сериозно и се способни да се нашалат на сметка на сопствените недостатоци. На крајот на краиштата, сите сме несовршени и сите правиме грешки. Значи, ако не сте задоволни со фризурата, или штотуку сте се истуриле со кафе, нашалете се на своја сметка. Дури и ако шегата не успее или излезе погрешно, единствената личност која ризикувате да ја навредите сте вие самите.
Кога ќе се чувствувате пријатно да се шегувате на своја сметка, можете да го проширите својот опсег и да вклучите и други видови хумор.
Хуморот во врската ја буди вашата разиграна страна
Не мора да бидете остроумни како комичар за да го користите хуморот на вистински начин. Поентата не е да ја импресионирате или забавувате другата личност, туку едноставно да го смирите расположението и да ја намалите напрегнатоста. Затоа не плашете се едноставно да се шегувате, на безопасен, детски начин. Тоа може да ја намали одбраната на другата личност, ставајќи ве двајцата во попозитивна состојба на умот.
Никогаш не е доцна да ја развиете и прифатите својата разиграна, безгрижна страна. Ако ви е непријатно да се опуштите, само сетете се дека како дете бевте природно разиграни. Не се грижевте за реакциите на другите луѓе. Можете да го разбудите детето во себе.
Почнете така што ќе ги идентификувате нештата во кои уживате, а кои се забавни или разиграни. Можеби сакате да:
- Кажувате или слушате вицеви.
- Гледате комични филмови и серии.
- Танцувате на кич музика кога сте сами.
- Пеете под туш.
- Фантазирате.
- Читате духовити стрипови.
Откако ќе ги препознаете разиграните нешта во кои веќе уживате, можете да се обидете да ги вклучите во вашите односи. Важно е да пронајдете пријатни активности кои ве опуштаат и ви помагаат да ја прифатите својата разиграна природа со другите луѓе. Што повеќе се шегувате, играте и смеете, толку полесно и поприродно ќе го користите хуморот, и во врската и во обичните дневни ситуации.
Извор: easylife.rs