Во значаен потег што го потврдува брзото ширење на употребата на криптовалути во секојдневните трансакции, Emirates Airlines најавува дека од 2026 година патниците ќе можат да плаќаат летови и други услуги со дигитални валути, вклучително и биткоин. Оваа иновација се реализира преку стратешко партнерство со компанијата Crypto.com, чиишто платформи за плаќање Crypto.com Pay ќе бидат интегрирани како официјален начин на плаќање во системот на Emirates.
Според прелиминарниот договор меѓу Emirates и Crypto.com, предвидени се и заеднички маркетинг активности со цел промоција на оваа нова можност, како и дополнителни услуги што ќе вклучуваат програми за лојалност и специјални понуди за корисниците на криптовалути.
Според зборовите на Аднан Казим, комерцијален директор на Emirates Airlines, со овој потег компанијата одговара на сѐ поголемата пазарна побарувачка и на потребите на модерните патници кои бараат флексибилни и дигитално интегрирани начини на плаќање. „Дубаи има амбиција да стане глобален центар за финансиски иновации, а Emirates е составен дел од таа стратегија,“ истакна Казим.
Интеграцијата на крипто-плаќањата е дел од пошироката визија на Обединетите Арапски Емирати, кои активно го развиваат својот крипто-екосистем. Во Дубаи веќе функционираат над 650 регистрирани крипто-компании во рамки на Dubai Multi Commodities Centre (DMCC), а формирано е и посебно регулаторно тело, VARA со цел да се обезбедат транспарентност и безбедност во дигиталните финансиски операции.
Со овој потег, Emirates не само што станува една од првите големи авиокомпании што воведува ваков модел, туку и се позиционира како лидер во иднината на дигиталното патување. Крипто-плаќањата, кои досега беа резервирани за технолошки напредни поединци, сега стануваат мејнстрим и тоа на крилјата на една од најпознатите авиокомпании во светот, пренесе порталот DigWatch.
Патниците кои веќе користат биткоин, етериум или други криптовалути, ќе можат да резервираат летови а со тоа да започне едно ново поглавје во дигиталната трансформација на глобалната авиоиндустрија.
Извор: web-mind.rs